Фото: Shutterstock.com

Во претстојната верзија на оперативниот систем iOS 27, Apple планира да им овозможи на корисниците да постават сервиси со вештачка интелигенција од трети страни како стандардни за функциите во рамките на Apple Intelligence. 

Така барем повторно тврди Марк Гурман од Bloomberg, па верувам дека ова е нешто што навистина ќе биде дел од наредните верзии од системите од Apple.

Ова значи дека алатките како Writing Tools и Image Playground повеќе нема да бидат ограничени исклучиво на ChatGPT, како што е сега, туку ќе понудат флексибилност за избор на претпочитаниот модел, вклучувајќи ги решенијата на Google и Anthropic, нешто што се најавува веќе две години. 

Оваа функционалност ќе се реализира преку новата опција наречена екстензии, која ќе биде достапна и за корисниците на iPadOS 27 и macOS 27. Преку овие изворни екстензии, генеративните способности од инсталираните апликации ќе можат да се повикуваат по потреба директно преку Siri и другите системски алатки. 

Дополнително, предвидено е корисниците да можат да изберат различни гласови за асистентите од трети страни, што јасно ќе диференцира дали одговорот доаѓа од Siri или од некој друг избран систем како Gemini.

Овој потег е логично продолжување на веќе најавената стратегија за поголема отвореност на екосистемот на Apple. Како што претходно пишувавме, компанијата уште порано ги постави темелите за интеграција на Siri со повеќе конкурентни асистенти, најавувајќи нов сегмент во App Store за таа намена. 

Со овој пристап, корисниците добиваат поголема контрола врз своето корисничко искуство, додека Apple индиректно отвора простор за дополнителни приходи преку процентот од претплатите за овие напредни ВИ сервиси кои се процесираат преку нивната платформа.

Оваа можност не треба да се поврзува со соработката која Apple ја договори со Google за користење на Gemini јазичните модели. Оваа соработка им овозможува на Apple да го забрзаат процесот на тренирање и напредок на нивните јазични модели, па ќе видиме од септември каков е резултатот од тоа.