Фото: Depositphotos

Microsoft Edge е првиот прелистувач што ја користи новата функција на Windows 11 за забрзано отворање на апликации, наречена „accelerated app launch“, соопшти тимот на Edge. Според Microsoft, повеќето корисници ќе забележат 15% побрзо отворање, а при работа со многу програми истовремено подобрувањето е до 33%.

Бројките се добиени во споредба со отворање на Edge без новата функција, кога прелистувачот веќе работи. Microsoft не објави на кои компјутери и под какво оптоварување се мерени.

Досега, кога ќе се кликне на линк или ќе се отвори Edge од долната лента, Windows прво стартува посебен процес што проверува дали прелистувачот веќе работи и ако работи, му го препраќа барањето. На штотуку вклучен компјутер ова речиси не се забележува, но според Microsoft при поголемо оптоварување поради тој дополнителен чекор Edge може да делува бавно.

Сега Edge, штом ќе се стартува, се регистрира кај Windows, па при следното отворање системот директно му се обраќа на прелистувачот што веќе работи. Тоа значи дека подобрувањето се гледа само кога Edge е веќе отворен или работи во позадина, на пример преку „Startup Boost“. Функцијата работи кај Старт менито, долната лента и кај поддржаните линкови што во основните поставки се отвораат во Edge.

За неа е потребен Edge 150 или понов и Windows 11 во верзиите 25H2, 26H2 или 26H1 со октомвриската опционална надградба. За 25H2 и 26H2 тоа е надградбата KB5127936 со која стигнаа новите „контекстуални“ менија и реинсталацијата преку „облакот“, но за разлика од нив, оваа промена не е наведена меѓу оние што стигнуваат постепено.

Microsoft вели дека ја придонесува работата во Chromium, па во иднина и другите прелистувачи базирани на него би можеле да го добијат истото забрзување. Не е познато кога и дали Google и останатите ќе го вклучат, а документацијата за програмери засега ја води функцијата како ограничена, односно апликациите бараат посебна дозвола од Microsoft за да ја користат. Компанијата дополнително работи истиот механизам да се користи и при отворање на PDF датотеки.

Ова инаку не е првото забрзување на Windows 11 оваа година, бидејќи Microsoft во мај почна да ја воведува функцијата што накратко го забрзува процесорот при отворање на менијата.