Француската компанија Mistral го претстави Mistral Large 4, јазичен модел со вештачка интелигенција кој според нив е нивниот најголем и најспособен досега. Станува збор за мултимодален модел со 1 трилион параметри, од кои 52 милијарди се активни при секое барање.
Засега моделот е достапен како јавен „преглед“ преку „API“ во Mistral Studio, по цена од 1,36 долари за милион влезни и 4,18 долари за милион излезни „токени“. Тежините на моделот ќе бидат објавени до крајот на месецот, а според Mistral моделот ќе може да работи и на приватен „облак“ или на сопствени сервери. Под која лиценца ќе бидат објавени не е наведено.
Дотогаш Mistral го тестира моделот со експерти за сајбер безбедност, партнери и државни институции, кои добиваат верзија со помалку ограничувања и проширени можности за сајбер безбедност. Вакво нешто веќе видовме и кај Google, кој Gemini 4 Argon прво им го даде на проверени експерти за сајбер безбедност.
Mistral тврди дека Large 4 може да се мери со најдобрите отворени модели во светот и дека е значително подобар од секој отворен модел развиен во САД или Европа. Според компанијата, на Artificial Analysis Cyber Index е меѓу петте најдобри модели во светот.
На еден од тестовите во тој индекс, каде моделот треба да репродуцира вистински безбедносен пропуст во софтвер со отворен код и потоа да го поправи, Large 4 според Mistral има 82%, додека Claude Opus 5.5 и GPT-6 Astra имаат резултат близу нула бидејќи ја одбиваат задачата.
Сепак, графиконите во самата објава покажуваат дека моделот не е секаде прв ниту меѓу отворените модели. GLM-5.3 од кинеската Z.ai е подобар на Terminal-Bench 4 (40 наспроти 28) и AutomationBench (62,2 наспроти 59,9), а Kimi K3 од кинескиот Moonshot на DeepSWE (68 наспроти 62) и на тестовите за финансиски табели и PDF документи. Во оценувањето на кодот од страна на луѓе, Claude Opus 5 има 4,22 од 5, наспроти 3,74 за Large 4.
И самата Mistral пишува дека на Cyber Index води „со голема разлика“ само меѓу отворените модели развиени надвор од Кина. Тоа сугерира дека кинеските отворени модели и понатаму се најсилната конкуренција, па веројатно затоа компанијата најмногу нагласува дека е најдобра меѓу американските и европските.
Моделот е трениран на 3.800 NVIDIA Grace Blackwell графички процесори во центрите за податоци на Mistral во Европа, а според компанијата разбира повеќе од 160 јазици, меѓу кои сите официјални јазици на ЕУ. Не е наведено дали меѓу нив е и македонскиот.
Large 4 е првиот модел од инвестицијата од 3 милијарди евра, која според Mistral е најголемата досега за европска технолошка компанија. Компанијата очекува моделот брзо да се подобрува, бидејќи дополнителното тренирање на моделот сѐ уште трае.
Mistral претходно склучи партнерство со Mozilla, преку кое помалиот Mistral Small 4 е една од опциите во Smart Window, асистентот на Firefox кој засега е во бета верзија.







































