Microsoft вчера го претстави новото пребарување во Windows 11, кое засега постепено стигнува до Windows Insiders во Experimental каналот. Тоа е продолжение на средувањето на Windows Search што компанијата го започна во јули.
Новото функција е изградена на WinUI 3, а според Microsoft, раните тестови покажуваат значително подобри перформанси и помала потрошувачка на меморија, иако бројки не се наведени. Резултатите сега се во една листа, без големиот преглед од десната страна, бидејќи според компанијата речиси сите кликови доаѓале од листата лево.
Windows Search подобро се снаоѓа и со правописни грешки и синоними, а Microsoft вели дека ова ќе продолжи да го дотерува во наредните недели.
Најголемата новост се командите што се извршуваат директно од Search. Така може да се вклучи темниот режим, ноќното светло или Bluetooth, да се затемни екранот, да се исклучи звукот, да се минимизираат сите прозори или да се наместат прозорите на екранот. Според Паван Давулури, извршен потпретседател за Windows и уредите, ова е почеток на „илјадници нови команди“ од лентата со задачи.

Подоцна оваа година треба да стигнат прегледи на датотеките и подетални информации за нив. Microsoft најавува и директни одговори од интернет, како временската прогноза и филтри по категории, но без рок, а „наскоро“ и команди за телефонот поврзан преку Phone Link, како праќање порака.
Компанијата веќе работи новото пребарување да стигне и во Start менито, што го поврзува со следната година. Засега, при пребарување од Start менито останува старото.
Windows Insider корисниците може да го пробаат во „build“ 26340.9616 од Experimental каналот или 28120.3181 од Experimental (26H1) каналот, а може да се вклучи и преку „Feature flags“ во поставките за Windows Insider програмата.
Microsoft во објавата ја спомнува и идната поврзаност со Copilot, без детали. Според Давулури, таа ќе биде по избор на корисникот и прво ќе стигне „на одредени пазари“ подоцна оваа година.
Не е познато кога новото пребарување ќе стигне до сите корисници на Windows 11, ниту кога ќе добие поддршка за други јазици освен англискиот.






































