AMD тивко ја отстрани функцијата за транспарентно и безбедно шифрирање на меморијата кај своите Ryzen процесори за приватните корисници. Оваа безбедносна карактеристика, позната како TSME, со години беше присутна кај чиповите наменети за обичните корисници и ги штитеше системите од физички напади, како што се обидите за екстракција на податоци директно од мемориските модули.
Според информациите, промената е направена неодамна преку редовно ажурирање на AGESA „фирмверот“, без никакво претходно известување до јавноста или објаснување во официјалните белешки за новата верзија на софтверот.
Отстранувањето на функцијата првично било откриено од страна на корисник на оперативниот систем Linux, додека вршел рутинска безбедносна проверка на нов систем базиран на поновата архитектура на AMD. Додека корисниците на Linux можат преку специфични хардверски алатки да утврдат дека енкрипцијата е деактивирана, за корисниците на Windows оперативните системи е речиси невозможно да забележат дека останале без оваа заштита.
Интересно е што опцијата за активирање на шифрирањето сè уште може да биде присутна во поставките на матичната плоча, но таа повеќе нема никаков реален ефект врз работата на хардверот.
По откривањето на промената, инженерите на AMD првично се обиделе да помогнат при дијагностицирање на проблемот, но кога биле соочени со прашања околу намерната промена во „фирмверот“, тие целосно прекинале со комуникацијата.
Дополнителните истражувања покажале дека компанијата сега официјално ја третира оваа безбедносна функција како ексклузивна исклучиво за нивните PRO процесори кои се наменети за бизнис корисниците.
Иако AMD во минатото директно не ја рекламираше оваа технологија како дел од стандардните процесори за приватните корисници, нејзиното повеќегодишно присуство им даваше сигурност на корисниците.
За просечниот корисник практичното влијание на оваа промена веројатно ќе биде мало, но корисниците кои работат со чувствителни податоци и досега се потпираа на оваа заштита од физички пристап кон компјутерот, сега остануваат без неа и без воопшто да бидат информирани за тоа.







































