Инфлуенсер маркетингот влегува во позрела фаза, каде што успехот сè повеќе се темели на доверба, автентичност, долгорочни партнерства и мерливи бизнис резултати. Ова беше една од главните пораки од E-commerce Meetup-от што вчера се одржа во Casa Bar, во организација на Асоцијацијата за е-трговија на Македонија (АЕТМ), во соработка со Иуте Македонија.
Настанот ги обедини претставниците на бизнис заедницата, маркетинг професионалците и креаторите на содржина, кои споделија искуства и практики за современиот пристап кон инфлуенсер маркетингот.
Преку практични примери од домашниот пазар, учесниците разговараа за тоа како компаниите денес пристапуваат до инфлуенсерите и воспоставуваат успешни партнерства, како ги избираат вистинските креатори на содржина, кои показатели ги користат за мерење на повратот на инвестицијата (ROI), како и кои се најчестите предизвици и добри практики при реализација на инфлуенсер кампањи.
Во панел-дискусијата учествуваа: Дијана Илиевска, Campaign Manager во Ananas.mk, Александра Стојановиќ, Marketing Manager во Fashion Group Macedonia, Драгана Ѓоќиќ, Head of Strategic Marketing во Korpa.mk и инфлуенсерот Стефан Спирковски, а модератор на разговорот беше Димитар Атанасовски, ко-основач на маркетинг агенцијата Идеа Лаб.
Драгана Ѓоќиќ од Korpa.mk нагласи дека инфлуенсер маркетингот сè повеќе се позиционира како долгорочен стратешки канал за комуникација на брендовите и истакна: „Најголема вредност се создава кога инфлуенсерите стануваат долгорочни амбасадори на брендот, а не кога се ангажираат само за една кампања.“

Александра Стојановиќ од Fashion Group Macedonia истакна дека успешноста на кампањите зависи пред сè од правилниот избор на инфлуенсери и усогласеноста со вредностите на брендот. „Не е најважно кој има најмногу следбеници, туку кој најавтентично го претставува брендот.“
Познатиот инфлуенсер Стефан Спирковски посочи дека автентичноста и искрената поврзаност со производот се клучни за успешна комуникација со публиката. „Публиката денес многу лесно препознава кога содржината е искрена, а кога станува збор за класична реклама. Најдобрите резултати се постигнуваат кога постои автентичност, кога инфлуенсерот навистина верува во производот и има слобода да ја креира содржината на свој начин.“
Дијана Илиевска од Ananas.mk нагласи дека инфлуенсер маркетингот мора да биде дел од поширока стратегија со јасно дефинирани цели и мерливи резултати: „Успехот не се мери само со лајкови, туку и со ангажман, кликови, продажба и реален ефект врз целната публика.“
Заеднички заклучок од панелот беше дека иднината на инфлуенсер маркетингот не се темели на бројот на следбеници, туку на довербата, автентичноста, долгорочните партнерства и јасно мерливите бизнис резултати.
Со овој E-commerce Meetup, АЕТМ продолжува активно да ја поддржува заедницата за е-трговија преку отворање на актуелни теми, споделување практични искуства и поврзување на компаниите со експерти од индустријата. Целта е домашните компании полесно да ги применуваат современите дигитални практики и да добијат конкретни знаења што ќе придонесат за раст и развој на нивните бизниси.
Инаку, е-commerce Meetup е првиот од серијата настани што АЕТМ ги организира во пресрет на 9. Регионална конференција за е-трговија, која ќе се одржи на 3 ноември 2026 година во Националната опера и балет во Скопје. Под мотото „From Wait to Go: E-COMM AT AI SPEED!“, конференцијата ќе ги обедини водечките експерти и компании од регионот и пошироко, со фокус на влијанието на вештачката интелигенција врз е-трговијата, маркетингот и дигиталниот бизнис.






































