Неодамна објавено видео снимено во 2024 година открива дека Microsoft интерно експериментирал со развој на нов оперативен систем, изграден околу нивниот асистент со вештачка интелигенција, Copilot.
Според информациите кои првично се појавија на серверот BetaWiki на платформата Discord, проектот со кодно име „Aion“ користи значително олеснета верзија на Windows, внатрешно наречена Win3. Триминутното видео прикажува ран, но функционален код, демонстрирајќи работна средина каде вештачката интелигенција ја има главната улога во интеракцијата со компјутерот.
Промената во пристапот најмногу се забележува во самиот дизајн на корисничкиот интерфејс. Иако е задржана долната лента, класичното мени за почеток е заменето со интерфејс кој е базиран на Copilot.
Наместо традиционалната навигација низ папки, корисниците комуницираат со мултимодално поле за внес преку кое можат да наоѓаат датотеки, да стартуваат апликации или да пребаруваат на интернет.
Во самото видео е објаснето дека овој концепт претставува оперативен систем базиран на веб технологии, каде вештачката интелигенција е природно интегрирана во самата основа на системот, со цел да го поедностави секојдневното користење.
Во поглед на софтверот, оваа специфична верзија на системот не поддржува традиционални Win32 апликации, туку е ограничена исклучиво на веб апликации и веб страници. Доколку на корисниците им е потребен пристап до класични десктоп програми, системот се потпира на услугата Windows 365 за поврзување со компјутер во облакот.
Отстранувањето на поддршката за старите апликации е направено со цел системот да понуди побрзи надградби, подолг век на батеријата и зголемена безбедност. Сепак, постојат информации дека паралелно била тестирана и верзија која работи врз база на Windows 11, која би поддржувала локално извршување на класични програми.
Иако неофицијалните материјали нудат детален увид во насоката во која Microsoft размислува за иднината на персоналните компјутери, засега останува нејасно дали овој проект ќе прерасне во комерцијален производ. Со оглед на тоа што станува збор за експериментален потфат, можно е концептите прикажани во видеото да останат само интерен тест за тоа како би изгледала работната средина изградена од темел околу автономна вештачка интелигенција.
Сепак, не треба да не изненади ако дел од работите презентирани во ова видео, ги видиме во некоја од идните верзии од Windows.








































