
Со години наназад го прифативме како факт тоа дека сината светлина од екраните ни го нарушува спиењето, па производителите на телефони воведоа „ноќни режими” кои ги затоплуваат боите на екранот, а сè поголем број луѓе посегнуваат по очила со филтри за сина светлина.
Сепак, новата анализа на BBC Future сугерира дека оваа широко прифатена вистина можеби не е толку цврста како што изгледа.
Томас Жермејн за BBC Future направил детален преглед на научните студии и разговарал со повеќе истражувачи на оваа тема. Неговиот заклучок е дека сината светлина од модерните екрани има далеку помало влијание врз сонот отколку што медиумите обично тврдат, а еден неодамнешен преглед на различни студии покажал дека светлината од екраните го одложува заспивањето за максимум околу девет минути. Тоа не е нула, но не е ни толку значајно.
„Паниката“ околу сината светлина кулминираше по една студија од 2014 година која ги испитувала ефектите од читање на iPad пред спиење. Испитаниците кои читале на таблет подолго време заспивале, се чувствувале поуморно наутро и произведувале помалку мелатонин.
Сепак, Џејми Цајцер, професор по психијатрија и бихевиорални науки на Универзитетот Стенфорд, за BBC ја нарекол таа студија „неверојатно измамничко дело”. Проблемот, според него, не е во самата наука туку во заклучоците што јавноста ги извлекла.
Цајцер објаснува дека количеството светлина што го емитираат денешните екрани е занемарливо и воопшто не одговара на условите во лабораториските истражувања, каде испитаниците се држат во пригушено светло цел ден, а потоа одеднаш се изложуваат на силен светлосен стимул. Во реалниот живот, луѓето цел ден се изложени на многу посилни извори на светлина, па „дозата” од екранот навечер е само капка во морето.
Жермејн во текстот цитира и истражувања според кои 24 часа изложеност на сина светлина од современи уреди е приближно еквивалентна на една минута поминато надвор на дневна светлина. Дополнително, стандардните очила со филтер за сина светлина, по сè изгледа, не даваат речиси никаков ефект врз квалитетот на сонот.
Ова не значи дека телефонот пред спиење е безопасен. Јасно е дека проблемот е во тоа што правиме на уредот, односно скролањето по социјални мрежи, проверувањето на е-пошта од работа или гледањето стресни вести активно го буди мозокот токму кога треба да се смирува. Па, сепак, виновникот е содржината, а не брановата должина на светлината.
Поентата што ја провлекува Жермен е дека клучно е темпирањето на изложеноста на светлина во текот на целиот ден. Цајцер советува дека повеќе природна светлина преку ден, особено утрински престој надвор од барем 15 минути, значително ги намалува негативните ефекти од изложеноста на екраните навечер.
Во оваа насока, најкорисното нешто што може да се направи за подобар сон веројатно не е вклучувањето на „ноќниот режим” на телефонот, туку утринската прошетка и редовното излегување надвор во текот на денот.








































