Фото: Brett Jordan на Unsplash

Како што можевме да прочитаме на почетокот од годината, сега Meta започна со пуштање на можноста за сите корисници во светот да се претплатат за користење на досега бесплатните социјални мрежи Facebook и Instagram, како и на WhatsApp. 

Користењето на овие мрежи останува бесплатно, но тие кои се подготвени да плаќаат месечна претплата ќе добијат пристап до листа на функции кои ќе им бидат достапни само на нив. 

Претплатите ќе бидат достапни посебно, односно не може да се плаќа една претплата за трите апликации, па достапни ќе бидат Facebook Plus и Instagram Plus за 3,99 долари месечно, како и WhatsApp Plus за 2,99 долари месечно. 

Тоа што треба да се истакне е дека овие претплати не ја вклучуваат, ниту заменуваат Meta Verified претплата, но не се исклучува можноста во иднина истата да стане дел од Plus претплатите. 

Со користењето на Facebook Plus и Instagram Plus корисниците добиваат функции како на пример можност да се види колку корисници ги имаат гледано нивните „Stories“ повеќе од еднаш, можност да се креира неограничен број на листи како што е „блиски пријатели“, можност за продолжување на „приказните“ повеќе од 24 часа и повеќе. 

Во случајот со WhatsApp Plus корисниците ќе добијат пристап до теми за апликацијата, посебни звуци, „стикери“ и слично. 

Станува јасно дека од Meta планираат да го прошират нивниот извор на заработка од зависноста од реклами, а посебно во време кога овие апликации веќе го имаат достигнато нивниот врв. Тешко дека Facebook и Instagram може да се очекува да имаат скок во бројот на корисници и користење, посебно што веќе бројките се во милијарди. 

Од компанијата започнуваат со тестирање и на Meta One претплатата која е насочена кон „креаторите“ на содржина, бизнисите, како и за пристап до ВИ функции.