Sony претстави два нови телевизори од серијата BRAVIA кои користат True RGB технологија, предводникот BRAVIA 9 II и моделот BRAVIA 7 II, како и аудио системот BRAVIA Theater Trio.
Оваа објава доаѓа во период на голема транзиција за производителот, откако во март годинава Sony и TCL потпишаа обврзувачки договор за формирање на заедничка компанија именувана BRAVIA Inc. Преку неа кинескиот гигант TCL презема мнозински удел од 51 отсто и оперативна контрола врз ТВ бизнисот на Sony, додека јапонската компанија задржува 49 отсто. Новата компанија треба да започне со работа во април 2027 година, па изгледа ова се „последните“ телевизори пред почетокот на функционирање на новата компанија.
Новите модели се првите од серијата што ја имплементираат True RGB технологијата, управувана од системот RGB Backlight Master Drive Pro. Иако Sony ја претставува како еволуција на Mini LED, технички станува збор за конвенционален LCD телевизор со напредно позадинско осветлување, па наместо стандардните бели или сини диоди во комбинација со филтри за боја, зад панелот се сместени независно контролирани црвени, зелени и сини светлечки диоди.
Ваквиот пристап овозможува попрецизна репродукција на боите и значително поголема осветленост, до 4.000 нити. Во споредба со OLED екраните, каде секој пиксел е независен извор на светлина што овозможува совршена црна боја, True RGB телевизорите нудат поголем волумен на бои и задржуваат висока конзистентност на приказот дури и во силно осветлени простории.
Sony инаку не е прва на ова поле, бидејќи Hisense, LG, Philips, Samsung и TCL веќе претставија слична технологија под имиња како „RGB miniLED” или „micro RGB”.
Моделите доаѓаат во повеќе големини. Предводникот BRAVIA 9 II е достапен во 65, 75, 85 и 115 инчи, при што најголемиот е наменет за големи домашни кина, додека BRAVIA 7 II се движи од 50 до 98 инчи.
Софтверот како и досега се базира на оперативниот систем Google TV со интегриран Gemini за помош при пребарување и контрола.
За аудио поддршка, вградени се звучници со целосен опсег и технологија за појаснување на дијалозите базирана на вештачка интелигенција, насловена како Voice Zoom 3.
Системот BRAVIA Theater Trio е составен од три оптимизирани звучници, позиционирани како лев, десен и централен канал, кои се развиени со помош на експерти од Sony Pictures Entertainment. Преку функцијата Direct Connect, телевизорите можат директно да се поврзат со дополнителни безжични сабвуфери и задни звучници без потреба од класичен саундбар.
Што се однесува до цените, BRAVIA 7 II ќе почнува од 1.599 долари за 50-инчниот модел, додека BRAVIA 9 II стартува од 3.599 долари за 65 инчи и достигнува дури 30.999 долари за најголемиот модел од 115 инчи. Аудио системот BRAVIA Theater Trio ќе биде достапен за 2.199 долари. Некои модели на BRAVIA 7 II се веќе достапни за продажба, додека останатите телевизори и аудио системот доаѓаат подоцна во текот на годината.






































