Фото: Ed Hardie / Unsplash

Пазарот на софтвер за безбедност на Windows компјутерите не е баш мал, а долго време важеше практиката дека секој мора да има инсталирано барем некое од овие достапни решенија. 

За пред повеќе од 10-15 години ова дефинитивно беше препорачана практика, но по претставувањето, па подоцна унапредувањето на Windows Defender (Microsoft Defender), често почна да се поставува прашањето дали овој софтвер од Microsoft е доволен. 

Мојот заклучок е дека во Windows 11, Microsoft Defender дефинитивно е доволен, а посебно доколку корисниците применуваат и барем најносновно ниво на логика, како што е не притискање на линкови во непознати имејл пораки, на пример. 

Кон овој заклучок можат да се додадат и тестирањата од неколку познати лаборатории, а тука се и тестирањата и мислењата на поголем број на луѓе. 

Сега, на ова се приклучуваат и од Microsoft, па тие истакнуваат дека за повеќето обични корисници, Microsoft Defender е повеќе од доволен, во комбинација со редовна надградба на Windows 11. 

Во објава од овој месец на оваа тема, каде ги објаснува функциите на Microsoft Defender, Microsoft има и посебен дел во кој директно го поставува прашањето дали ви е потребен посебен антивирус во 2026. 

Одговорот кој го даваат од компанијата е дека за многу корисници Microsoft Defender ги покрива секојдневните ризици без потреба од дополнителен софтвер.

Ситуациите кога е потребен дополнителен софтвер се такви кога се има потреба од менаџирање на повеќе компјутери, споделување на уредите и слично, односно кратко кажано за компаниите. 

Целата објава од Microsoft е достапна тука.