Фото: Lukas / Unsplash

Проектот Debian официјално изгласа дозвола за користење на генеративна вештачка интелигенција при развојот, одржувањето и пишувањето документација. Оваа одлука доаѓа по повеќенеделни дискусии и резултираше со усвојување на насоки за одговорна употреба на ваквите алатки, со цел да се подобри продуктивноста на соработниците. 

Сепак, секој придонес генериран со помош на вештачка интелигенција мора да ги исполнува истите стандарди за квалитет, точност и легалност како и кодот напишан исклучиво од луѓе, без никакви исклучоци.

Според новите правила, одговорноста за крајниот резултат целосно паѓа на програмерите, а тие се обврзани да го разберат, прегледаат, тестираат и доколку е потребно, да го модифицираат резултатот од вештачката интелигенција пред да го поднесат во системот. Пријавувањето дека е користена ваква технологија е охрабрено, но не е задолжително. 

Од друга страна, строго е забрането споделување на доверливи или безбедносно чувствителни информации со надворешни сервиси за вештачка интелигенција. 

Дополнително, за автоматизирани промени од големи размери потребна е претходна дискусија во заедницата и човечки надзор пред нивното имплементирање.

Ваквиот потег предизвика поделени реакции меѓу програмерите и корисниците. Дел од заедницата остро се спротивстави на инкорпорирањето на машински генериран код во проектите со отворен код, изразувајќи го своето незадоволство преку критики на социјалните мрежи и најави за преминување кон други оперативни системи. 

Како директна последица на одлуката, еден од програмерите на Debian одлучи да го напушти проектот, истакнувајќи дека повеќе не сака да биде дел од иницијативата под овие нови услови.

Debian не е единствениот проект кој се соочува со ова прашање, бидејќи речиси сите иницијативи со отворен код во моментов креираат сопствени насоки. Додека некои проекти целосно забрануваат код генериран од вештачка интелигенција, проектот за Linux јадрото (kernel) дозволува таква асистенција под одредени услови, како што е соодветно означување и почитување на софтверските лиценци. 

Според правилата, целосно машински генериран код не е дозволен, а придонесите каде што е користена асистенција мора да бидат во согласност со GPL-2.0 лиценцата и соодветно да се означат со „Assisted-by“ ознака во кој се наведува користениот модел. Иако ВИ алатките можат да помогнат во лоцирањето на проблеми, како што веќе се применува преку автоматизирано тестирање во одредени делови од кодот, конечниот преглед, верификацијата и преземањето на одговорноста остануваат исклучиво на човечкиот програмер.

Со оглед на големото влијание на Debian во светот на софтверот со отворен код, се очекува нивниот пристап да постави преседан кој би можел да ги поттикне и другите проекти да ја прифатат вештачката интелигенција во нивниот развоен процес.