Денес е последниот ден на Тим Кук како директор на Apple, позиција која ја имаше изминатите 15 години. Од утре позицијата ја презема Џон Тернус, кој во компанијата е уште од 2001 година, што значи доаѓа од редовите на вработените кои се во компанијата од времето на Стив Џобс.
Поради тој факт, а и „хардверската“ позадина на Тернус, голем број на луѓе имаат големи очекувања за промена на стилот на работа на Apple. Според нив, компанијата одамна на е како порано насочена кон развојот и дизајнот на производите, па акцентот е префрлен кон профитот.
На Тернус се гледа како на човек што може да врати барем дел од поранешниот стил на функционирање, па изгледа се што останува е да видиме дали ќе биде така во годините што следат.
Без разлика на ваквите коментари, сепак Тим Кук ќе остане запаметен како човекот кој успешно ја презеде компанијата од Стив Џобс, нешто што не беше лесно, а во главно поради почитта која ја имаше Џобс и неговиот уникатен стил.
Под водство на Кук Apple достигна рекордни нивоа на вредност, беа претставени неколку нови категории на производи, а тој посебно е познат по неговата способност за менаџирање на синџирот на производство.
Тим Кук не ја напушта компанијата целосно. Тој преминува на позицијата Извршен претседател на одборот на директори (Executive Chairman), каде ќе обезбедува стратешки насоки и ќе се фокусира на глобалните политики и односите со владите ширум светот.
По преземањето на позицијата главен директор, Тернус веднаш ќе ја има и својата прва презентација од таа позиција. Традиционалниот есенски настан на Apple е закажан за идната недела, односно 9 септември, а на него треба да биде претставен првиот iPhone на преклоп.
Според најновата објава од Марк Гурман, Тернус ќе има доста работа поврзана со неговиот менаџерски тим, односно дел од директорите се ближат до возраста за пензија, па тој ќе мора да најде замена за нив, нешто што сигурно нема да биде лесно.






































