Фото: Shutterstock.com

Microsoft официјално потврди дека прекинува досегашната директна интеграција на OneDrive во галеријата на телефоните на Samsung. Почнувајќи од 30 септември 2026 година, вградената апликација Samsung Gallery повеќе нема директно да ги синхронизира фотографиите со OneDrive. 

Ова значи дека OneDrive веќе нема да биде стандардна опција за автоматска резервна копија на уредите од Galaxy серијата. По овој датум, новите корисници нема да имаат можност да ги поврзат своите сметки од двете апликации.

Според документите за поддршка од Microsoft, сите фотографии и видеа кои веќе се зачувани на серверите преку оваа директна интеграција ќе останат целосно безбедни, непроменети и нема да бидат избришани. Главната промена се состои во тоа што овие датотеки повеќе нема да бидат видливи директно преку Samsung Gallery. 

За прегледување и управување со веќе зачуваните датотеки, сопствениците на уредите ќе мора да пристапат исклучиво преку посебната мобилна апликација на OneDrive или преку веб верзијата на услугата.

Оние корисници кои сакаат да продолжат да ја користат платформата на Microsoft за зачувување на нивните нови фотографии, ќе треба да ја инсталираат OneDrive апликацијата, дококлу тоа веќе го немаат направено, по што ќе ја вклучат можноста за автоматско зачувување на сликите во „облакот“.

Овој развој доаѓа откако претходно беа забележани софтверски индикации кои сугерираа крај на оваа интеграција. Иако корисниците можат да продолжат да го користат OneDrive како самостојна апликација, се очекува дека Samsung ќе се фокусира на сопствени серверски решенија. 

Според информациите, јужнокорејската компанија планира да ги поттикнува корисниците да преминат на нејзината услуга за резервна копија, која ќе ја замени досегашната улога на Microsoft како примарен партнер во екосистемот на Galaxy уредите.