Фото: DepositPhotos

Microsoft работи на значително подобрување на приватноста во својот оперативен систем преку интегрирање на нови опции за контрола на периферните уреди. Со најновата тест верзија од „експерименталниот“ канал, корисниците на Windows 11 ќе добијат можност директно да го блокираат пристапот до микрофонот и веб камерата за конкретни „Win32“ апликации. 

Оваа можност засега е достапна само за вградените и „модерните“ апликации, но кога се работи за „Win32“ апликациите, корисниците можат да го дозволат или забранат пристапот за сите апликации, но не и посебно за секоја. 

Новите контроли се забележани во најновата експериментална верзија на оперативниот систем, означена како верзија 26340.9212. Опциите се имплементирани во менито за приватност и безбедност, каде што корисничкиот интерфејс нуди едноставни „прекинувачи“ за вклучување и исклучување на пристапот за секоја инсталирана програма. 

Анализата на тековниот приказ открива дека системот користи практичен метод на сортирање, при што апликациите кои најнеодамна го користеле хардверот се позиционирани најгоре на листата. Овој пристап претставува солидно решение кое го олеснува наоѓањето на активните програми, дури и без присуство на класична лента за пребарување.

Со оглед на тоа што оваа новина засега е дел од експерименталниот канал, не можеме да знаеме кога може да се очекува да им биде пуштена на сите корисници, односно во стандардните верзии од Windows 11.