Фото: Microsoft

Microsoft тестира нов метод за обновување на компјутерите со Windows 11, кои имаат некаков проблем, кој овозможува реинсталација на оперативниот систем преку облакот. 

Новата алатка, наречена Cloud Rebuild, има за цел да го врати уредот во чиста и функционална состојба преку преземање на потребните датотеки директно од интернет. Оваа функција ја елиминира потребата од надворешен инсталациски USB уред, а може да се користи дури и во ситуации кога самиот оперативен систем е оштетен и не може воопшто да се подигне.

За разлика од постоечката опција за ресетирање на компјутерот, новиот метод ги презема и „сликата“ на оперативниот систем и потребните „драјвери“ директно преку Windows Update. Процесот се одвива независно од состојбата на моментално инсталираниот систем и не бара претходно зачувана сопствена слика за инсталација. 

Корисниците можат да ја стартуваат алатката преку околината за обновување на Windows со навигација низ менито за решавање проблеми. За успешно спроведување на реинсталацијата, потребно е уредот да биде поврзан на интернет преку кабел или бежична мрежа уште во самата околина за обновување.

Интегрираното преземање на датотеките овозможува компјутерот да биде целосно функционален веднаш по завршувањето на процесот, бидејќи „драјверите“ се инсталираат паралелно со оперативниот систем. 

Сепак, кај оваа опција не е предвидена можност за задржување на постоечките апликации и лични податоци на корисникот. Пред да започне преземањето, системот прикажува јасно предупредување за губење на податоците.

Во моментов, алатката е достапна експериментално за членовите на програмата Windows Insider, поточно во тест верзијата 26300.8772. Иако функцијата сè уште не е генерално достапна за сите, се очекува нејзино постепено воведување за пошироката публика во текот на следните неколку месеци. 

Овој новитет ќе претставува значајно олеснување за корисниците кои треба брзо да го оспособат својот компјутер при сериозни софтверски проблеми.