Фото: Shutterstock.com

Microsoft изгледа дека сепак ќе ги оствари најавите за подобрување на Windows 11, па тие нема да останат само како празни ветувања. Голем дел од овие очекувани промени веќе се достапни во тест верзиите и постепено ќе стигнат до сите корисници. 

Како дел од оваа трансформација, програмата Windows Insider е поедноставена и сега нуди два главни канали, Experimental и Beta. Оваа промена го олеснува разбирањето на нивната намена и им овозможува на корисниците полесно да менуваат канали или да ја напуштат програмата без потреба од целосна реинсталација на оперативниот систем.

Управувањето со системските надградби исто така добива огромно подобрување. Корисниците сега ќе имаат само едно рестартирање месечно кое ќе ги опфаќа системот, „драјверите“ и останатите компоненти. 

Дополнително, надградбите ќе можат да се прескокнат при првичното поставување на уредот, како и да се паузираат во чекори од 35 дена, а главното мени за исклучување на компјутерот секогаш ќе ги нуди стандардните опции за рестартирање и исклучување без да принудува инсталација на надградби. 

Во потег кој ќе израдува многумина, Microsoft го намалува агресивното наметнување на своите функции за вештачка интелигенција. Копчињата за Copilot се отстранети од апликациите Snipping Tool и Photos, додека во Notepad генеричката икона е заменета со попрактично копче наречено Writing Tools.

Основните системски компоненти како File Explorer сега се забележително побрзи и посигурни, со помалку замрзнувања и постабилен главен екран. Навигацијата е помазна, сликичките се поостри, а подобрениот темен режим ги елиминира непријатните бели блесоци. 

Истовремено, делот со вести „виџетите“ е поедноставен за да се намалат одвлекувањата на вниманието. Делот за вести сега е исклучен стандардно, додека на заклучениот екран ќе се прикажува само виџетот за временска прогноза.

Сите овие оптимизации резултираат со подобри перформанси на целиот систем и помала потрошувачка на работната меморија, што прави Старт менито, пребарувањето и Action Center да се чувствуваат значително побрзи, меѓу другото. 

Според најавите, наскоро следуваат уште повеќе подобрувања, вклучувајќи и многу барани промени за долната лента и Старт менито. 

Ентузијастите кои сакаат веднаш да ги испробаат овие новитети можат да го направат тоа преку приклучување кон програмата Windows Insider и избирање на Experimental каналот.