После повеќе години на доста ограничена достапност, Apple конечно ја проширува достапноста на нивниот сервис за стриминг на филмови и серии, Apple TV. Проширувањето се прави во повеќе земји, меѓу кои е и Македонија.
Тоа што е интересно е стратегијата која Apple ја применува за нашиот и сличните пазари, па наместо само преку стандардна претплата за Apple TV, овој сервис ќе им биде вклучен без дополнителен надомест на корисниците кои веќе плаќаат или ќе се претплатат на iCloud+ сервисот.
Најниската претплата на iCloud+ изнесува 0,99 долари месечно, а покрај другите функции, тој вклучува и 50GB простор во iCloud.
Покрај достапноста на Apple TV, претплатниците на iCloud+ ќе добијат и пристап без дополнителен надомест на Apple Arcade, сервисот за игри од компанијата, кој досега беше достапен во нашата земја, но со посебна претплата.
На страната на Apple, односно iCloud, може да се погледнат пакетите и функциите, а достапноста на Apple TV е означена како „наскоро“, а може да се очекува до крајот на овој месец.
На листата на достапни Apple сервиси за нашата земја, веќе може да се види дека е додадена можноста за претплата на Apple TV, а додадена е и можноста за купување на филмови.
За потсетување, Apple веќе има уред наречен Apple TV кој е достапен во Македонија, а сервисот порано беше наречен Apple TV+, по што беше преименувам само во Apple TV, што за доста може да е малку збунувачки.







































