Тимот на Thunderbird, клиентот за е-пошта со отворен код зад кој стои Mozilla, повторно ја промовира Thundermail, својата услуга за е-пошта. Услугата прв пат беше најавена во април минатата година, а од пролетта е во бета верзија и засега е достапна само со покана.
Главниот адут е приватноста. Според страницата за поддршка, во Thundermail нема реклами, следење, ни обука на вештачка интелигенција, а компанијата тврди дека не ги продава и не ги споделува податоците на корисниците. Сепак, во изјавата за приватност стои дека, зависно од земјата, услугите може да користат колачиња („cookies“) за анализа на тоа како ги користат корисниците, без нивниот идентитет.
Thundermail работи на серверот за е-пошта Stalwart и поддржува IMAP, SMTP и JMAP, па може да се користи во Thunderbird, но и во која било друга апликација за е-пошта. Податоците се чуваат на сервери во Германија, а корисниците можат да изберат адреса на thundermail.com или tb.pro или да поврзат свој домен.
Засега има само еден пакет, Early Bird, кој чини 6 долари месечно со годишно плаќање, односно 72 долари годишно. Во него се 30 GB простор за пошта, едно сандаче со 15 адреси и три сопствени домени. Вклучени се и Send, за испраќање шифрирани датотеки со 60 GB простор и Appointment, за закажување средби.
Минатиот ноември Thunderbird најавуваше цена од 9 долари месечно, која подоцна ја намали. Повеќе пакети се ветуваат кога услугата ќе излезе од бета фазата, а уште во првата најава пишуваше дека ограничен бесплатен пакет ќе дојде кога ќе има доволно корисници што плаќаат.
Услугата сè уште се прилагодува. Пошта преку веб прелистувач била најбараната идеја од заедницата, а според патоказот таа е во рана, експериментална фаза. Двофакторската автентикација е додадена во јуни.
Пристапот се добива преку листата на чекање, а поканите се праќаат во бранови. Во формуларот може да се избере и Македонија, но не е познато дали ќе има ограничувања по земји.
Шест долари месечно не е малку за е-пошта кога Gmail и Outlook.com имаат бесплатни верзии, па Thundermail веројатно ќе ги привлече пред сè оние на кои им е важна приватноста и кои веќе го користат Thunderbird.






































