SpaceXAI, компанијата за вештачка интелигенција во рамките на SpaceX, ја претстави The X Subscription, претплата која ги обединува Grok, Grok Bot, Cursor и X Premium. Новата претплата е достапна за новите корисници од понеделник, а според компанијата во наредните неколку дена ќе стане достапна за сите ширум светот.
Cursor официјално стана дел од SpaceX на 14 август, со што заврши преземањето што започна во април.
Пакетите се пет. Free е бесплатен и нуди дневен пристап до Grok, почетна квота за агентите за програмирање во Cursor и стандарден X. Plus чини 8 долари месечно и носи повеќе користење на Grok и Cursor, како и ознака за верификација, алатки за креатори и помалку реклами на X.
Premium чини 30 долари месечно и според компанијата ги вклучува можностите на SuperGrok, Cursor Pro и X Premium+, кои досега заедно чинеле 90 долари. Super и Ultra чинат 100, односно 200 долари, со исти функции, но со 15, односно 50 пати повеќе користење од Plus, наспроти четири пати кај Premium. Со годишно плаќање цените се 80, 300, 1.000 и 2.000 долари, без данок, како ДДВ, кој може да се додаде при плаќањето.
Платените пакети имаат заедничка квота која се троши и во Grok и во Cursor и се обновува секоја недела. Според SpaceXAI, кај пакетите со стандардна цена секој нов пакет нуди повеќе користење на нивните модели за долар од споредливиот пакет што го заменува, а програмирањето со нивните модели во Cursor е барем двојно поголемо од соодветниот Cursor пакет. Сепак, колку точно изнесува основната квота на Plus, од која се пресметуваат сите други, во објавата не е наведено.
Најавената поволност не важи за моделите на други компании. Claude и GPT и понатаму се достапни во Cursor, но само од пакетот Premium нагоре и се наплаќаат дополнително по цените на „API“ уште од првото користење. Тоа значи дека програмерите кои претежно работат со овие модели веројатно нема да имаат голема корист.
Постоечките претплатници на SuperGrok, Cursor и X Premium засега не мора ништо да менуваат, но старите пакети веќе не се нудат на нови корисници. Преминот е опционален, но траен, а за неискористеното време парите се враќаат. Исклучок е Cursor платен преку App Store, кој корисниците сами треба да го откажат, а враќање на парите да побараат од Apple.
Компанијата најавува дека подоцна ќе ги префрли и преостанатите корисници, засега без рок, но со претходно известување.
Вакво нешто неодамна направи и Meta со претплатата Meta One, која исто така ги обединува нивните апликации и алатките за вештачка интелигенција.




































