Почнувајќи од верзијата 1.93, Brave воведува нови безбедносни мерки против следењето на корисниците преку нивните графички процесори. Овој вид на следење е дел од таканареченото следење преку „создавање дигитални отпечатоци“, односно „fingerprinting“.
Заштитите ги блокираат обидите за создавање дигитален отпечаток преку WebGL и WebGPU интерфејсите. Иако овие технологии се неопходни за прикажување на хардверски забрзана графика на интернет, тие им овозможуваат на компаниите да собираат детални податоци за графичките картички и „драјверите“ без експлицитна согласност од корисниците.
Создавањето дигитален отпечаток на прелистувачот е техника која комбинира мали, специфични сигнали од уредот во еден единствен идентификатор кој го следи корисникот низ различни веб страници, дури и без употреба на колачиња.
Графичките интерфејси се особено богати извори за вакви податоци бидејќи ги откриваат точниот производител, моделот на графичкиот процесор, верзијата на „драјверот“ и прецизниот сет на хардверски функции.
Анализите на Brave покажале дека повеќето популарни веб страници ги користат овие интерфејси речиси исклучиво за следење.
За да се справи со овој проблем, прелистувачот сега ги прикрива идентификувачките сигнали. Brave ги заменува податоците за производителот и „рендерерот“ кај WebGL со една генеричка вредност за сите корисници, ги празни „дескрипторите“ кај WebGPU и воведува рандомизација во листата на поддржани екстензии.
Со овие промени, системите за следење добиваат различни податоци при секоја нова сесија и на секоја различна веб страница, што го прави нивниот метод на идентификација неупотреблив.
Новите заштити се стандардно вклучени во десктоп и Android верзиите на Brave. Целта на компанијата е да го блокира следењето, додека истовремено им дозволува на веб страниците нормално да ги вчитуваат своите визуелни елементи.
Доколку некоја страница не функционира правилно поради овие промени, корисниците имаат целосна контрола да ја исклучат графичката заштита само за таа конкретна веб страна. Во иднина, тимот планира да ја прошири рандомизацијата и на поддржаните екстензии кај WebGPU интерфејсот.









































