Фото: DepositPhotos

Reddit започна со ограничено тестирање на нова опција која им нуди на корисниците алтернативен начин за консумирање на содржината преку нивните iOS и Android апликации. 

Овој експеримент овозможува текстуалните објави да се репродуцираат во аудио или видео формат, инспирирано од форматот кој веќе е исклучително популарен на платформи како TikTok. Наместо да го заменат традиционалниот текст, новите мултимедијални формати се нудат како дополнителен избор, со што оригиналните објави и делот за коментари остануваат целосно достапни и непроменети за корисниците.

Во основа, од Reddit сакаат да ја искористат популарноста на платформите како TikTok каде што не ретко може да се најдат Reddit објави, но направени во форма на видео во кое објавата се чита од страна на човек или автоматизиран систем. 

Во оваа рана фаза, тестирањето е ограничено само на одредени објави на англиски јазик во рамки на селектирани заедници. Кога новата опција е достапна, корисниците добиваат избор дали сакаат класично да ја прочитаат објавата или да ја пуштат нејзината аудио или видео верзија. Аудио форматот користи технологија за претворање на текст во говор, што е особено практично за корисниците кои сакаат да слушаат содржини во заднина додека извршуваат други задачи, како вежбање или патување. Видео форматот, од друга страна, ги визуелизира овие нарации преку прикажување на текстот на самиот екран.

Претставниците на компанијата нагласуваат дека примарната цел на овој ран експеримент е да се процени практичната корисност на ваквите формати. Компанијата сака да увиди дали аудиото и видеото можат природно да се вклопат во препознатливиот карактер на мрежата, без да се наруши нејзината основна текстуална природа. 

Врз основа на повратните информации од корисниците и податоците за нивниот ангажман, Reddit понатаму ќе одлучи дали оваа опција ќе биде трајно имплементирана и дали ќе биде проширена на дополнителни јазици и заедници.