Cursor, кои сега се дел од SpaceXAI, официјално ја претстави услугата Origin, ново решение за хостирање на код кое овозможува чување и управување со софтверски проекти.
Со тоа може да се каже дека се остварија очекувањата и најавите дека Cursor ќе влезе во конкуренција со GitHub по купувањето на компанијата од страна на SpaceX, односно сега SpaceXAI.
Услугата е достапна во рана бета фаза за сите корисници со платени пакети и го опфаќа основниот сет на функционалности потребни за развој на софтвер, вклучувајќи „репозиториуми“, преглед на код и барања за промени. Корисниците можат да креираат нови репозиториуми преку новиот дел за бази на код, по што добиваат насоки за користење на интерфејсот преку командна линија за клонирање или поставување на нивните локални проекти.
Покрај сопствениот хостинг, Origin нуди и директна синхронизација со GitHub. Развивачите можат да ги поврзат своите постоечки GitHub репозиториуми и да ги користат паралелно со оние хостирани на Cursor.
Системот овозможува двонасочна синхронизација во реално време, што значи дека коментарите и акциите направени врз барањата за промени во Cursor автоматски се појавуваат на GitHub и обратно.
И покрај оваа интеграција, GitHub останува примарен извор за сите проекти кои оригинално се започнати таму, додека постапките за испраќање нов код и понатаму се одвиваат кон таа платформа.
Една од главните карактеристики на новата услуга е директното вклучување на работни агенти во самите репозиториуми. Додека корисниците го разгледуваат кодот, тие можат да поставуваат прашања, а системот може да одговара, да прави промени, да ги ажурира барањата или да испраќа код на нова „гранка“. Ова ги централизира алатките за развој и асистенција, овозможувајќи директна интеракција со базите на код во истата околина.









































