Фото: Shutterstock.com

Функцијата за забрзување на Windows 11 за која пишувавме претходно овој месец повеќе не е само тест во рамките на Windows Insider. 

Microsoft почна да ја пушта кон сите корисници со опционата надградба KB5089573 (Build 26200.8524), објавена оваа недела.

Интересно е тоа што компанијата никаде не го споменува интерното име „профил со ниска латенција“. Наместо тоа, во официјалните белешки функцијата е скриена под „General Performance“, со опис дека надградбата го забрзува отворањето на Старт менито, пребарувањето и центарот за известувања.

Ваквото претпазливо именување веројатно не е случајно. Кога веста за оваа технологија првично се прошири, дел од корисниците ја искритикуваа компанијата, тврдејќи дека вештачкото форсирање на процесорот е само „лесно решение“ за лошо оптимизиран код. 

Компанијата подоцна појасни дека станува збор за принципот „race to sleep“, каде процесорот накратко работи до максимум за да ја заврши задачата побрзо и веднаш да се врати во штедлив режим, а слични трикови користи и Apple на macOS, како и голем дел од Linux дистрибуциите. 

Сепак, треба да се има предвид дека во оваа верзија профилот засега ги забрзува само системските менија, а не и стартувањето на самите апликации. Тоа подобрување ќе стигне дополнително, со следната надградба.

Поради стратегијата на постепено активирање, функцијата можеби нема да се вклучи веднаш дури и по инсталирањето на надградбата, а Microsoft намерно ја остава исклучена кај дел од корисниците за да ја следи стабилноста. 

Јасно е дека ефектот е најзабележлив кај послабите компјутери, иако и помоќните машини добиваат малку помазно искуство.