Фото: Lukas / Unsplash

Саша Левин, еден од одржувачите на стабилните и долгорочните верзии на јадрото на Linux, предложи нова папка „agents/“ во изворниот код на „јадрото“ (kernel). Во неа би се чувале „вештини“ („skills“), упатства и други ресурси за AI асистентите за програмирање, а секоја вештина би имала своја SKILL.md датотека во Agent Skills форматот, кој првично го разви Anthropic, а денес го поддржуваат и повеќе други агенти.

Идејата произлегла од самитот на одржувачите, кога Тед Цо прашал дали постои начин да се справат со погрешните „Fixes“ ознаки. Овие ознаки во описот на поправката го посочуваат „commit“-от што ја внел грешката, а според нив тимот за стабилните верзии одлучува кои верзии на јадрото треба да ја добијат поправката.

Ханес Рајнеке проценил дека 15 до 20% од овие ознаки се погрешни. Според Цо, тоа често се случува затоа што авторот со „git blame“ го зема само првиот „commit“ што ја менувал линијата, иако таа промена можеби само го преместила кодот. Левин вели дека тие веќе користат AI алатки за да го најдат вистинскиот извор на грешката, па другите побарале да ги споделат.

Првата верзија од 8 октомври носеше една вештина, а втората, објавена вчера, има четири. Освен за „Fixes“ ознаките, тие треба да одлучат дали поправката оди во стабилните верзии, да ја бараат истата грешка на други места во кодот и да пишуваат опис на промените. Според Левин, вештините само го читаат кодот и враќаат резултат со докази, а „commit“-от и пораките ги прави агентот или програмерот.

Сепак, предлогот е далеку од прифатен. Самиот Левин не е сигурен дали материјалот треба да оди во посебна папка или во документацијата, а Џонатан Корбет, кој ја одржува документацијата, праша дали упатствата не би им користеле и на луѓето. Кис Кук очекуваше да бидат токму таму, а за вештината за стабилните верзии бара да биде што пократка и да упатува на постојните правила на јадрото, наместо да ги повторува.

Грег Кроа-Хартман, пак, смета дека ова „треба многу да помогне“. Тед Цо предупреди дека тие што сами пренесуваат поправки во свои верзии на јадрото не треба да се потпираат на овие ознаки, особено за постарите поправки, од пред одржувачите редовно да ги користат ваквите алатки.

Ова се совпаѓа со она што Линус Торвалдс неодамна го нарече „ново нормално“ во развојот на Linux. Изгледа дека одржувачите веќе ги прифатија AI агентите како дел од работата, па сега се обидуваат да ги научат да ги почитуваат правилата на проектот.

Не е познато дали и кога предлогот ќе стане дел од јадрото.