Главниот развивач на Linux јадрото, Линус Торвалдс, неодамна изрази загриженост во врска со влијанието на вештачката интелигенција врз одржувањето на безбедноста на оперативниот систем.
Според неговите забелешки, безбедносната мејлинг листа на Linux станала речиси „неуправлива“ поради огромниот прилив на извештаи за софтверски пропусти кои се откриени со помош автоматизирани алатки базирани на вештачка интелигенција.
Иако користењето на напредни алгоритми за откривање на безбедносни пропусти има за цел да го подобри квалитетот на кодот, практичната примена во овој случај создава логистички проблеми. Главниот предизвик лежи во фактот што овие автоматизирани системи генерираат голем број пријави кои често се однесуваат на тривијални грешки, теоретски проблеми или се едноставно лажно позитивни резултати.
Овој обем на информации создава значителен товар за одржувачите на системот, кои мораат рачно да ја прегледаат и анализираат секоја индивидуална пријава за да ја утврдат нејзината валидност и приоритет.
Ваквата ситуација директно доведува до преоптоварување на каналите за комуникација кои се наменети за решавање на критични безбедносни прашања. Наместо да се фокусираат на поправка на суштински ранливости, инженерите се принудени да трошат ресурси на филтрирање на автоматизираниот шум.
„Некои од ажурирањата на документацијата можеби вреди да се истакнат: континуираниот наплив на извештаи од вештачка интелигенција во основа го направи безбедносниот список скоро целосно неуправлив, со огромно дуплирање поради различни луѓе кои ги наоѓаат истите работи со истите алатки.“ – пишува Торвадлс.
„Што е сосема бесмислена активност која се повторува и јасно ставаме до знаење дека грешките откриени од вештачката интелигенција по дефиниција не се тајни, а нивното третирање на некаков приватен список е губење време за сите вклучени – и само го влошува тоа дуплирање бидејќи пријавувачите не можат дури ни да ги видат своите извештаите.“ – додава тој.
Коментарите на Торвалдс укажуваат на потребата од воспоставување на поефикасни механизми за претходно филтрирање на пријавите од алатките со вештачка интелигенција, со цел да се зачува функционалноста на безбедносниот процес во развојот на Linux.




































