Apple претстави нова група на софтверски функции за пристапност кои ќе станат дел од екосистемот на компанијата подоцна оваа година. Овие надградби се базираат на Apple Intelligence, која има за цел да ги унапреди веќе постоечките алатки на кои се потпираат корисниците секојдневно, обезбедувајќи попрецизно и поприродно корисничко искуство.
Може да се каже дека овие нови функции се првите кои Apple ги претставува како дел од новата и понапредна верзија од Apple Intelligence, која ќе ја видиме на почетокот од идниот месец на WWDC 2026. Сите нови функции може да се очекуваат во септември со 27 верзијата од оперативните системи на компанијата.
Со најновата најава, алатките како VoiceOver, Magnifier, Voice Control и Accessibility Reader добиваат значајни подобрувања. Интеграцијата на вештачката интелигенција овозможува овие функции подобро да го разбираат контекстот и природниот јазик. Наместо преку сложени команди, корисниците ќе можат поинтуитивно да комуницираат со своите уреди, што значително го олеснува навигирањето низ оперативните системи на компанијата.
Овие достапни функции добиваат можност и за опишување на околината, односно тоа што се прикажува преку камерата на уредот.
Еден од поважните новитети е воведувањето на системски генерирани титлови за видео содржини кои претходно немале превод или текстуална поддршка. Овој процес ќе се одвива локално на самите уреди, што значи дека податоците нема да се испраќаат на надворешни сервери.
Ова е во согласност со стандардната политика на Apple за заштита на приватноста, а истовремено овозможува поголема достапност на мултимедијалните содржини за лицата со оштетен слух.
Покрај софтверските унапредувања за паметните телефони и компјутери, Apple претстави и специфична надградба за уредот за проширена реалност Apple Vision Pro. Новата функција им овозможува на корисниците да контролираат компатибилни инвалидски колички исклучиво преку движењето на своите очи. Ова претставува практична примена на технологијата за следење на погледот интегрирана во самиот уред, нудејќи ново ниво на самостојност за лицата со физички попречености.
Целата објава од Apple можете да ја погледнете тука.





































