Фото: Thunderbird

Тимот на Thunderbird, клиентот за е-пошта со отворен код зад кој стои Mozilla, објави прв поглед на својата апликација за iPhone, која е сè уште во развој. Апликацијата се прави од нула, наместо да се користи постоечки код, а според тимот во неа ќе бидат вградени искуствата од верзиите за компјутерите и Android.

Крајната цел, како што пишуваат, е е-поштата да се користи на ист начин на компјутер и на телефон. На крајот од објавата тимот им се заблагодарува на корисниците за трпението, бидејќи многумина долго го бараат и чекаат Thunderbird на iOS.

Засега се работи на основите. Додавањето сметки треба да биде брзо, безбедно и целосно автоматско, а на сликите се гледа поставување со услуги како Google и Microsoft. Дополнително, се прави синхронизација во позадина што треба постојано да го одржува сандачето ажурно, а притоа да не ја троши многу батеријата.

Фото: Thunderbird

Од секојдневните алатки се дотеруваат прегледно сандаче за примени пораки и нов уредувач во кој пораките лесно се форматираат. Апликацијата е поставена и со систем за експериментални функции („feature flags“), за полесно да можат да придонесуваат програмерите од заедницата.

Датум за излегување засега нема. Целта е првата верзија за тестирање од заедницата да биде готова „во следните неколку месеци“, а уште во извештајот за мобилните апликации од крајот на јули тимот пишуваше дека напредува кон објавување на апликацијата во App Store.

Thunderbird бара и мислење од корисниците преку анкета, во која ги прашува кои три работи им се најважни кога секојдневно ја користат е-поштата.

Објавата на едно место го спомнува и iPad, па изгледа дека апликацијата ќе биде и за таблетите на Apple, иако за тоа засега нема детали.

По години на послаб развој, Thunderbird повторно се „врати“ со голем редизајн во 2023 година, па со тоа се врати и изборот на корисниците, а посебно на тие кои ја ценат работата на Mozilla.