Amazon ги претстави новите генерации на основниот Kindle, Kindle Paperwhite и Kindle Colorsoft, со што ја обнови целата своја линија читачи на е-книги. Најголемата промена е кај екранот, кој сега е израмнет со рамката, без издигнатиот раб околу површината за читање.
За ова, според Amazon, морале одново да го осмислат начинот на кој се составени и залепени екранот, предното осветлување и слојот за допир. Компанијата ваквата конструкција ја нарекува прва кај читачите на е-книги.
Основниот Kindle има екран од 6 инчи и тежи 140 грама. Според Amazon, тоа е најмалиот Kindle досега, а книгите ги отвора 30% побрзо од претходната верзија. Батеријата трае до шест недели, а покрај боите Ube и Graphite постои и верзија со алуминиумско куќиште и 32GB меморија.
Paperwhite и Colorsoft имаат екрани од 7 инчи. Новиот Paperwhite е потенок и полесен, со 204 грама, а Amazon наведува дека има најголем екран и највисок контраст досега кај овој модел, како и батерија што трае до 12 недели. Кај Colorsoft е променето осветлувањето на екранот во боја, кое сега користи нитридни „LED“ диоди.
Двата модели имаат и Signature Edition верзии, со алуминиумско куќиште, 32GB меморија, автоматско прилагодување на осветлувањето, полнење преку држач и вртење на страниците со двоен допир. За нив Amazon нуди и футрола со физички копчиња за вртење страници, а за сите нови модели и мал безжичен далечински управувач Kindle Click.
Цената на основниот Kindle почнува од 149,99 долари, односно 154,99 евра во Германија. Paperwhite чини од 199,99 долари (209,99 евра), а Colorsoft од 289,99 долари (299,99 евра), додека Signature Edition верзиите чинат 249,99 и 319,99 долари, односно 259,99 и 329,99 евра.
Основниот Kindle веќе се продава во САД, Канада, Велика Британија, Германија, Франција, Италија, Шпанија, Холандија, Полска и уште десет земји. За Paperwhite и Colorsoft нарачките однапред постепено се отвораат во истите земји, а во Германија ќе стигнат на 11 ноември.
Македонија и земјите од регионот ги нема на листата.
Според Amazon, Kindle бележи двоцифрен раст ширум светот трета година по ред, а само во 2025 се прочитани над 720 милијарди страници. Сепак, изгледа дека новата генерација носи повеќе промени во дизајнот отколку во самото читање, па не е познато колку сопственици на моделите од 2024 ќе се одлучат за надградба.






































