Anker најави нов полнач за лаптоп со вграден екран, кој во објавата на X го нарекува Anker Laptop Smart Display Charger, а на својата страница Anker Laptop Charger Pro. Компанијата тврди дека ова е „првиот паметен полнач за лаптоп направен да ја заштити батеријата“, а официјалното лансирање е закажано за 22 октомври.
Полначот нуди два режими на полнење. „Auto“ е за брзо полнење, а „Care“ применува крива на полнење прилагодена за конкретниот модел лаптоп и според Anker, малку ја намалува брзината за да ја заштити батеријата. Компанијата тврди дека вака животниот век на батеријата може да се продолжи до 40%, но бројката е добиена со интерни лабораториски тестови на самите ќелии, а реалниот ефект може значително да се разликува зависно од уредот и начинот на користење.
Anker веќе продава ограничена верзија на истиот модел со дизајн од играта VALORANT, па техничките податоци засега се од нејзината страница. Полначот има еден USB-C приклучок со моќност до 100W, тежи 193 грама и е голем 62 × 34 × 55 мм. Anker наведува дека полната моќност ја одржува и при подолго полнење, но тоа го тестирала на собна температура од 25°C.
Екранот ги прикажува моќноста, температурата на полначот и напредокот на полнењето, а на промотивните слики го покажува и моделот, во случајов 14-инчниот MacBook Pro со M5 Max. Според Anker, полначот ги препознава MacBook Pro, MacBook Air со M2 до M5, MacBook Neo, iPhone 15 до 17 и iPad моделите, но не и Android уредите. Од Windows лаптопите препознава само одредени модели, како ThinkPad X1 и Dell XPS и тоа преку апликацијата Anker Charging Manager.
Ограничувањето на полнењето меѓу 80% и 100% е достапно само за MacBook модели од 2021 или понови, па изгледа дека најмногу ќе добијат сопствениците на Apple лаптопи. Windows лаптопите преку апликацијата добиваат само избор на режим и ажурирања.
VALORANT верзијата во американската продавница на Anker чини 59,99 долари, а цената на стандардната верзија не е позната. Пријавите за ран пристап траат до 21 октомври, со подарок торба за првите 1.000 купувачи и шест месеци продолжена гаранција.
Компанијата инаку веќе има полначи со екран, а разликата е што овој е специјално насочен кон корисниците на лаптоп компјутерите.
Страницата за ран пристап постои само во американската продавница на Anker, па не е познато кога полначот ќе стигне во Европа и кај нас.






































