Google воведе нов систем за верификација во рамките на услугата reCAPTCHA кој одредени корисници ги обврзува да дозволат пристап до нивната камера и да направат едноставни движења со рацете за да докажат дека се луѓе.
Оваа функција е дел од напорите на компанијата да се справи со сè понапредните ботови базирани на вештачка интелигенција. Овие автоматизирани системи стануваат сè поуспешни во заобиколувањето на традиционалните тестови кои бараат препознавање на објекти на фотографии, како скали или противпожарни возила, или решавање на тешко читливи загатки.
Според информациите од компанијата, новиот систем анализира кратко видео од раката на корисникот и извлекува дваесет и една координата за позицијата на зглобовите, кои потоа се користат за препознавање на специфични гестикулации.
Од Google посочуваат дека видеоснимките не се поврзуваат со идентитетот на корисникот, аудио воопшто не се снима, а самиот материјал се брише веднаш штом верификацијата ќе заврши.
Овој метод е дизајниран да обезбеди посилна детекција на присуство во живо, со што веб-страниците можат подобро да се одбранат од автоматизирано креирање профили и други форми на онлајн измами.
И покрај објаснувањата за безбедноста, потегот наиде на критики од корисници кои сметаат дека барањето пристап до камера за рутински проверки претставува проширување на биометриското следење на интернет. Дел од нивните реакции на социјалните мрежи укажуваат дека новиот систем го сметаат за полош од традиционалните методи токму поради зависноста од камерата, при што многумина претпочитаат да ги решаваат старите визуелни предизвици.
Дополнително, се поставува прашањето за долгорочната ефикасност на технологијата, бидејќи веќе постојат тврдења од поединци кои успеале да го заобиколат овој предизвик користејќи виртуелна камера и анимации генерирани од вештачка интелигенција.







































