Фото: Shutterstock.com

Signal објави дека воведува нови безбедносни функционалности во својата апликација, со цел да ги заштити корисниците од „фишинг“ напади и обиди за социјален инженеринг. 

Ажурирањето е дизајнирано да понуди повисоко ниво на претпазливост при секојдневната комуникација и да го намали ризикот од интеракција со малициозни корисници на платформата.

Според официјалната објава, промените вклучуваат имплементација на дополнителни чекори за потврда при прифаќање на нови барања за пораки. Во рамки на самата апликација сега се прикажуваат и едукативни предупредувања кои им помагаат на корисниците полесно да ги детектираат лажните профили. 

Овие мерки се особено насочени кон спречување на измамите каде одредени лица се претставуваат како официјални претставници на Signal, а се пуштени како резултат на неодамнешните случаеви на успешно „прелажување“ на одредени корисници. 

Корисничкиот интерфејс сега содржи појасни безбедносни совети и директни потсетници дека компанијата никогаш не иницира комуникација преку пораки за да бара лични податоци. 

Од Signal посочуваат дека ова е дел од нивната континуирана стратегија за зголемување на заштитата и најавуваат дека во блиска иднина ќе бидат имплементирани и дополнителни безбедносни промени.

Инаку, Signal важи како можеби најбезбедната апликација која е стандард за тоа како треба да изгледа една шифрирана комуникација. Сите ситуации на „пробивање“ на пораките се поради грешка на корисникот, а не поради слабост во апликацијата или технологијата за шифрирање.