Google денес ја најави новата категорија лаптопи под името Googlebook, уреди што се изградени од нула за работа со Gemini. Станува збор за обид компанијата комплетно да го промени односот кон лаптоп компјутерите, по повеќе од децениска доминација на Chromebook како нивни главен предлог за оваа категорија.
Googlebook всушност ги спојува најдобрите делови од два света, односно моќните апликации од Android преку Google Play и наследството на ChromeOS со неговиот прелистувач Chrome. Тоа значи дека за прв пат Android официјално добива своја форма на лаптоп, со благослов и бренд директно од Google.
Централна новина е таканаречениот „Magic Pointer“, нов курсор развиен заедно со Google DeepMind. Идејата е дека курсорот, кој не доживеал значајна промена уште од воведувањето на десниот клик, конечно станува паметен.
Со едно мрдање на глувчето, тој „оживува“ со Gemini и нуди контекстуални предлози во зависност од тоа што е под него, како на пример, насочување кон датум во е-пошта за брзо закажување состанок или избирање две слики за нивна заедничка визуелизација.
Замислата е корисникот од идеја до завршена задача да стигне со само неколку клика.
Втора голема функција е „Create your Widget“, можност корисниците сами да си креираат прилагодени „виџети“ преку едноставно барање до Gemini. Асистентот може да пребарува на интернет или да се поврзе со Google апликациите како Gmail и Calendar за да состави персонализирана контролна картичка.
Како пример Google наведува планирање семејна средба, каде Gemini ги обединува информациите за летови, хотели и резервации на едно место на работната површина.
Дополнително, Googlebook е длабоко интегриран со Android телефоните. Корисниците можат директно да отвораат телефонски апликации на екранот од лаптопот, па на пример тие можат да нарачаат храна без да го напуштат тековниот работен тек или брзо да завршат лекција од Duolingo.
Преку функцијата „Quick Access“, фајловите од телефонот се достапни директно во прелистувачот на фајлови на лаптопот, без потреба од трансфери.
Што се однесува до хардверот, Google соработува со индустриските лидери како Acer, ASUS, Dell, HP и Lenovo за првите Googlebook уреди. Лаптопите ќе доаѓаат во различни форми и големини, со премиум материјали и изработка, а препознатлив визуелен белег ќе биде уникатниот „Glowbar“, детаљ што Google го опишува како функционален и убав во исто време.
Јасно е дека ова е крајот за Chromebook како категорија, a Google ја заменува со нешто што е суштински Android лаптоп со ChromeOS наследство и Gemini во основата.








































