Фото: Lukas / Unsplash

„Гејмингот” на Linux добива уште едно значајно подобрување со појавувањето на новиот проект со отворен код именуван како „low_latency_layer”. Се работи за Vulkan слој кој ги имплементира екстензиите „VK_NV_low_latency2″ и „VK_AMD_anti_lag”, што значи дека функционалностите на NVIDIA Reflex и AMD Anti-Lag 2 можат да работат и на графички картички од AMD и Intel, без да зависат од официјална поддршка во драјверите.

Поентата на проектот е тоа што го елиминира хардверското ограничување, а досега поголем број игри поддржуваат Reflex отколку Anti-Lag 2, што ги ставаше корисниците на AMD и Intel картички во подредена позиција. Со овој слој, играта може да биде „измамена” дека работи на NVIDIA картичка преку соодветна опција, и да го изложи Reflex како достапна функционалност.

Главната придобивка е минимизирањето на времето од моментот на внес на команда преку периферните уреди до нејзиното прикажување на екранот. Со намалувањето на системското доцнење, играчите добиваат попрецизно и пореспонзивно искуство, што е особено важно кај насловите каде брзината на реакција е клучна. Досега, ваквото ниво на оптимизација на Linux често зависеше од специфични драјвери или ексклузивни комерцијални решенија.

Она што е особено интересно е дека спроведените „бенчмарк“ тестови покажуваат дека во некои случаи имплементацијата работи подеднакво добро или дури подобро од оригиналните верзии на Windows. Тестирањата биле спроведени на наслови како The Finals, Counter-Strike 2, Cyberpunk 2077, Resident Evil Requiem, Marvel Rivals и Overwatch 2, со помош на 540Hz монитор со NVIDIA Reflex Analyzer. 

Проектот функционира и со Steam Play (Proton) преку DXVK-NVAPI, што значи дека е применлив и за Windows игри кои се играат на Linux.

Зад проектот стои програмерот Николас Џејмс под брендот Korthos Software, кој одлучил да го започне поради нестабилноста на постоечката Mesa имплементација на Anti-Lag 2. 

Кодот е јавно достапен на платформата GitHub и се дистрибуира под MIT лиценцата, што значи дека заедницата на програмери може слободно да го користи и прилагодува. 

Инсталацијата засега бара познавање на Linux терминал и „компајлирање“ од изворен код, но процесот е документиран во упатствата на репозиториумот.