Фото: Shutterstock.com

Иако сѐ уште неофицијално, познато е дека Apple планира да претстави целосно нова и редизајнирана верзија од Siri со iOS 17 и другите оперативни системи. Главната промена од сегашната верзија, покрај многу поголемата способност базирана на генеративната вештачка интелигенција, е пуштањето на посебна апликација за Siri која ќе функционира слично како другите „четбот“ апликации, односно како ChatGPT, Gemini, Claude и сличните. 

Исто така познато е дека Apple не успеа да ги развие и тренира сопствените големи јазични модели, па поради тоа што веќе не може да се одложува додавањето на сопствени функции со вештачка интелигенција, од компанијата договорија соработка со Google за користење на нивните Gemini јазични модели. 

Во најновата неделна објава на Марк Гурман за Bloomberg, тој пишува за политиката за приватност на Apple која е една од најважните за компанијата и различното позиционирање поради истата во споредба со другите компании кои во главно заработуваат преку реклами. 

Гурман дури истакнува дека Apple има посебни тимови за приватност кои имаат право да „стават вето“ на одредени нови функции доколку сметаат дека тие не се направени со доволна приватност за корисниците. 

Оваа политика е до некаде одговорна за доцнењето на компанијата со развојот на сопствените јазични модели, па изгледа дека ќе мора да дојде до мало модифицирање на истата. 

Според Гурман тоа ќе дојде во форма на дозволување на делови од Siri, односно дел од барањата да бидат процесирани на серверите од Google, наместо преку сопствените сервери. 

Сепак, приватноста на функциите со вештачка интелигенција ќе биде една од клучните на презентацијата идниот месец во рамките на WWDC 2026, па Гурман истакнува една од можните функции кои ќе бидат дел од новата Siri. 

За разлика од другите „четботови“, Siri ќе дојде со можност за бирање после колку време да се бришат разговорите, нешто слично како што е можно кај Messages апликацијата. 

Дополнително, Apple ќе има построги ограничувања за што е тоа што вештачката интелигенција ќе може да го памети за корисникот, односно што ќе може да влезе во меморијата на Siri. 

Во својата објава Гурман додава и дека и покрај тоа што се поминати две години од првичната најава на Apple Intelligence и новите функции на Siri, пуштањето на истите оваа година можно е да бидат направени под „бета“ ознаката. 

Тоа воопшто не изненадува, па Apple сигурно ќе сакаат да помине одреден период на масовно користење пред да ја наречат новата Siri како официјален и финален производ.