Фото: Microsoft

Microsoft работи на нови подобрувања на корисничкиот интерфејс во Windows 11 кои имаат за цел да ја подобрат интеграцијата на паметните телефони во оперативниот систем. Според извори запознаени со плановите на компанијата, фокусот е ставен на проширување на можностите на апликацијата Phone Link, со цел искуството да изгледа како природен дел од самиот оперативен систем. 

Ова вклучува надградби на постоечките функции, но и воведување на нови алатки кои ќе ја олеснат секојдневната комуникација меѓу компјутерот и телефонот за крајните корисници.

Сепак, треба да се истакне дека се работи за неофицијални информации, па официјалното пуштање на овие новини е несигурно, па ќе мора да почекаме да видиме што ќе се случува во месеците што следат. 

Еден од новитетите е надградбата на делот за поврзани телефони во Старт менито, кој ќе прикажува повеќе неодамнешни активности. Корисниците ќе можат да ги прегледуваат овие активности без потреба да ја отвораат самата апликација Phone Link, а со задржување на покажувачот над нив ќе добијат дополнителни детали, како цели пораки или фотографии. 

Дополнително, се тестира и ново наменско мени за паметни телефони кое ќе биде сместено на долната лента, поточно во „tray“ делот. Ова мени ќе содржи копчиња за брзо вклучување на режимот за не вознемирувај, вибрирање или наоѓање на телефонот, а ќе поддржува и директно префрлување на датотеки преку нивно влечење до самата икона.

Компанијата планира и синхронизација на историјата на копирани елементи меѓу телефонот и компјутерот преку постоечката функција во Windows 11. Додека досегашната синхронизација го паметеше само последниот копиран елемент, новата верзија ќе нуди целосна листа на сè што е копирано на двата уреди. 

Истовремено, Microsoft развива нова наменска апликација за пораки за Windows 11, која директно ќе ги синхронизира SMS разговорите од телефонот и ќе им овозможи на корисниците да започнуваат и да одговараат на разговори директно од својот компјутер.

Овие промени се надоврзуваат на веќе постоечките функции, како што се можноста за прегледување на датотеките и фотографиите од телефонот во File Explorer, како и користењето на камерата од телефонот како веб камера за компјутерот.