Фото: DepositPhotos

Една од најпознатите компании за видеоигри, Electronic Arts, официјално го заврши процесот на продажба на акциите вреден 55 милијарди долари, со што компанијата официјално преминува во рацете на приватна инвестициска група. 

Конзорциумот го сочинуваат Јавниот инвестициски фонд на Саудиска Арабија (PIF), инвестициската компанија Silver Lake и Affinity Partners, предводена од Џаред Кушнер, зетот на Доналд Трамп.

Со финализирањето на договорот, кој првично беше најавен во септември 2025 година, а одобрен од акционерите во декември, акционерите на EA добиваат по 210 долари во готовина за секоја акција, додека акциите на компанијата престануваат со тргување и се повлекуваат од берзата NASDAQ.

Раководството на Electronic Arts, предводено од извршниот директор Ендру Вилсон, го оцени затворањето на трансакцијата како почеток на ново поглавје за компанијата, нагласувајќи дека партнерството ќе овозможи засилени инвестиции и иновации при развојот на идната генерација игри. 

Претставниците на саудискиот фонд PIF, кој беше малцински инвеститор во компанијата повеќе од пет години, посочија дека конзорциумот ќе дејствува како долгорочен партнер насочен кон одржлив раст и развој на популарните франшизи. 

Според инвеститорите, целта е проширување на глобалната публика и унапредување на начините на кои корисниците се поврзуваат преку играњето.

Еден од клучните аспекти на стратегијата по преземањето е примената на вештачката интелигенција во работните процеси. Според претходните информации, инвеститорите очекуваат дека вештачката интелигенција значително ќе ги намали оперативните трошоци на Electronic Arts, што би помогнало во управувањето со долгот и би донело повисоки профити во следните години. Истовремено, од раководството на Silver Lake истакнуваат дека технологијата ќе се користи за унапредување на процесот на развој на видеоигрите, како и за подобрување на целокупното корисничко искуство на играчите.