Фото: DepositPhotos

OpenAI објави официјален одговор на тужбата од Apple, оценувајќи ја правната постапка како агресивна и неоснована. Во обраќањето се наведува дека Apple сега признава дека нејзините надворешни адвокати во февруари испратиле електронска порака на погрешно лице поради грешка при препознавање на две азиски презимиња, факт што бил откриен дури откако OpenAI укажале на тоа. 

Дополнително, се посочува дека тврдењето за наводен разговор со главниот правен застапник на OpenAI не е точно, како и дека по првичната комуникација, во која било наведено дека прашањата се решаваат, следел период од пет месеци без никаков контакт пред поднесувањето на тужбата.

Во однос на обвинувањата против поранешниот вработен Ченг Лиу за пристап до доверливи податоци, од OpenAI истакнуваат дека самите вработени на Apple комуницирале со него по неговото заминување и барале помош за пронаоѓање службени датотеки потребни за нивната тековна работа. 

Според објавените текстуални пораки, наводниот неовластен пристап се должи на пропусти во системската администрација на Apple, која не успева навремено да ги отстрани корисничките права при напуштање на компанијата. Поради тоа, поранешните членови на тимот кои ги почитуваат процедурите продолжуваат да имаат активен пристап до одредени датотеки без нивно барање или знаење.

За поранешниот дизајнер Тенг Тан, кој помина повеќе од 24 години во Apple, се истакнува дека тој јасно му ставил до знаење на својот нов тим дека внатрешната политика строго забранува поседување и користење доверливи информации од други компании. 

Од OpenAI наведуваат дека сериозно ги сфатиле наводите и понудиле соработка за решавање на ситуацијата, но наместо тоа, според нив, Apple се обидува да го промени наративот преку нејасни обвинувања кон други поранешни вработени.

Компанијата смета дека најновото барање на Apple за привремена забрана е целосно непотребно и се темели на неточни информации, бидејќи OpenAI не поседува ниту има интерес за туѓи деловни тајни. 

Според објавениот став, фокусот на тимот останува исклучиво на развојот на нови производи и технологии што ги поместуваат границите во индустријата.