Apple официјално ја најави новата генерација на Mac Studio, кој доаѓа со M5 Max и новиот M5 Ultra. Овие чипови се дизајнирани да понудат зголемена процесорска и графичка моќ, со посебен фокус врз извршувањето задачи поврзани со вештачка интелигенција директно на самиот уред, продолжувајќи го угледот на Mac Studio за еден од најдобрите компјутери за работа со локални модели.
Според компанијата, новиот хардвер овозможува до 4,3 пати побрза обработка на вештачка интелигенција во споредба со претходната генерација, како и зголемување на брзината на централниот процесор до 1,3 пати и на графичкиот процесор до 1,8 пати, а подобрување кај просторот за податоци е до 2 пати.
Компјутерот го задржува својот препознатлив компактен дизајн, наменет за професионалци, креативци и програмери.
Основниот модел со процесорот M5 Max вклучува централен процесор со 18 јадра и графички процесор со до 40 јадра, надополнети со максимални 128 GB обединета меморија.
За корисниците со посложени потреби, верзијата со M5 Ultra нуди централен процесор со 36 јадра и графички процесор со дури 80 јадра, поддржувајќи до 512 GB обединета меморија.
Овој капацитет овозможува локално извршување на големи јазични модели без потреба од користење сервиси во „облакот“, со што се зголемува приватноста и се намалуваат трошоците за крајните корисници.
Графичките процесори кај двата чипа имаат вградени „невронски акцелератори“ кои значително ја забрзуваат хардверската обработка на податоци.
Новиот Mac Studio донесува и надградби во делот на поврзувањето, воведувајќи поддршка за стандардите Wi-Fi 7 и Bluetooth 6 за првпат во оваа серија. Присуството на интерфејсот Thunderbolt 5 овозможува поголем проток на податоци кон надворешни уреди, како и можност за поврзување на повеќе Mac Studio системи во еден кластер.
Објавата од Apple со сите детали, можете да ја погледнете тука.






































