Фото: Google

Во рамките на настанот „The Android Show: I/O Edition“, Google најави дека Gemini официјално доаѓа во Chrome за Android, што е значајно проширување откако функцијата постоеше само на десктоп верзијата, а за жал само во ограничен број на земји.

Функцијата е изградена на Gemini 3.1, моделот кој компанијата го опишува како нивниот најинтелигентен досега, а целта е да го претворат прелистувачот во вистински „асистент” при „сурфањето“.

Кога ќе се притисне иконата на Gemini во горниот десен агол на Chrome, асистентот се отвора на дното на екранот и ја разбира содржината на страницата што ја гледате. Тоа значи дека можете да барате резиме на долга статија, објаснување на сложена тема или прашања директно поврзани со тоа што го читате, без да се префрлате меѓу апликации. 

Дополнително, Gemini се поврзува со другите Google апликации, па можно е додавање настани во Calendar, состојки од рецепт во Keep или пребарување конкретни информации во Gmail.

Преку Nano Banana во Chrome ќе може да се креираат или уредуваат слики директно од страните. Google дава пример каде корисникот може да побара „претвори ја оваа страница во инфографик” додека учи за испит или да побара предлог уредување на соба од оглас за стан. 

Најинтересна е новата можност „auto browse”, која за прв пат стигнува на Android. Со неа Chrome автоматски ги извршува досадните задачи, па така на пример, ако имате карта за стенд-ап настан, истакнуваат од Google, прелистувачот може сам да најде паркинг преку различни сервиси користејќи ги деталите од потврдата. 

Заштитата против „prompt injection“ напади е вградена, а „автоматското прелистување“ секогаш бара потврда пред чувствителни задачи како купувања или објави на социјални мрежи.

Gemini во Chrome стигнува на крајот од јуни на уреди со Android 12 или понов и најмалку 4GB RAM, засега само во САД и на англиски јазик. Автоматското прелистување ќе биде ексклузивно за претплатниците на AI Pro и Ultra. 

Штета што и натаму чекаме за поширока географска достапност.