Фото: Apple

Apple официјално го закажа денот кога ќе го одржи нивниот традиционален септемвриски настан. Како што неофицијално се најавуваше, настанот ќе се одржи на 9 септември, со почеток во 19:00 часот по македонско време. 

Истиот ќе може да се следи преку YouTube како и досега, а тука е и „стримот“ преку страната за настани на Apple. 

Овој настан ќе биде доста поразличен од претходните, односно ќе донесе новини кои ќе привлечат поголемо внимание. 

Како за почеток, ова ќе биде првиот настан за новиот директор на Apple, Џон Тернус, кој е вториот директор на Apple по враќањето на Стив Џобс во компанијата уште во 1997 година. 

За разлика од Тим Кук, Тернус доаѓа од техничкиот дел на компанијата и од него се очекува дека ќе врати дел од стилот на работа поставен од страна на Џобс. Тоа би значело давање поголемо внимание на развојот на производите, нивниот дизајн, како и повеќе иновација. 

Дел од гласините најавуваат дека Тернус може да ги врати презентациите на производите во живо, но ќе видиме дали тоа би започнало веднаш со овој настан. 

Втората работа која ќе го направи овој настан посебен е најавата дека Apple ќе ги издвои телефоните, па во септември ќе бидат претставувани само моделите од Pro серијата, додека другите модели ќе бидат претставени на почетокот на годината. 

Тоа значи дека сега може да ги очекуваме само iPhone 18 Pro и iPhone 18 Pro Max, додека iPhone 18 може да се очекува до пролет идната година заедно со iPhone 18e, како и втората генерација од iPhone Air. 

Третата работа која го прави овој настан посебен можеби ќе привлече и најголемо внимание, а таа е претставувањето на првиот iPhone на преклоп. Овој телефон прво неофицијално се нарекуваше iPhone Fold, но сега се очекува дека ќе го носи името iPhone Ultra.

Според Марк Гурман овој телефон ќе биде првиот „возбудлив“ нов производ од компанијата после повеќе години кој ќе ја „врати“ магијата. 

Телефонот се очекува дека ќе биде во формат на „книга“, односно ќе се отвори во форма на мал таблет. 

Претходна статијаТелеком ја носи првата самостојна 5G мрежа во Македонија
Мишо Лекиќ
Својот интерес во областа на паметната технологија го развива одамна како хоби кое што прераснува во нешто повеќе, па резултатот на тоа е и развојот на овој портал. Сака да ги следи сите новини поврзани со оперативните системи, апликациите, мобилните телефони, но и интересните научни и вселенски истражувања.