Google оваа година повторно ќе одржи настан поврзан со Android кој ќе биде во рамките, но пред официјалниот почеток на нивната најпозната Google I/O конференција.
The Android Show: I/O Edition официјално е закажан за 12 мај со почеток во 19:00 часот по македонско време.
Ваквите настани се секогаш интересни, а преку истите ги дознаваме повеќето новини кои се планирани за наредната верзија од Android. Иако Google пушта доста бета верзии претходно, сепак главните новини ги дознаваме во овој период од годината.
Од компанијата веќе го најавуваат овој настан како таков на кого ќе бидат претставени „најголемите Android надградби досега“, а достапно е и кратко видео од кое можеме да извлечеме заклучоци.
Од видеото може да се претпостави дека голем дел од новините ќе бидат поврзани со корисничкиот интерфејс, а доста луѓе веќе најавуваат дека и Google ќе претстави своја верзија од „Liquid Glass“ дизајнот кој сега го користат од Apple.
Ова не би било првпат да другите следат нешто што го имаат започнато Apple, а посебно во областа на дизајнот.
Тоа што може да се очекува од досегашното искуство е да Google дизајнот го направи и подобро, па може да очекуваме дека Android 17 ќе дојде со доста добар кориснички интерфејс.
Минатата година беше претставен Material 3 Expressive, кориснички интерфејс кој според мене е еден од најдобрите на пазарот.











































