„Вештачката интелигенција веќе не е иднина за која зборуваме теоретски, таа полека, но сигурно станува дел од секоја училница и од секојдневието на учениците. Прашањето што денес го отвораме не е дали таа ќе влијае врз образованието, туку како ние ќе го насочиме тој процес“, порача министерката за образование и наука Весна Јаневска на денешната панел-дискусија од кампањата „Магијата е во знаењето“, посветена на улогата на вештачката интелигенција во образованието.
Таа истакна дека Министерството за образование и наука активно ги следи современите образовни трендови, со посебен фокус на развојот и примената на вештачката интелигенција во образованието и континуирано спроведува анализи и мерки преку системски пристап, со цел навремено и суштинско прилагодување на образовниот систем. Посебен акцент, како што нагласи, се става и на континуираните обуки за наставниот кадар, со цел наставниците да бидат подготвени за новите дигитални алатки и промени во наставниот процес.
На панел-дискусијата „Училницата на иднината: Вештачка интелигенција, знаење и новата улога на наставникот“, се разговараше за трансформацијата на образовниот процес во дигиталната ера и новите предизвици за наставниците и учениците.
На настанот учествуваа и професорите Сашо Коцески од Факултетот за информатика при Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип и Бранислав Геразов од Факултетот за електротехника и информациски технологии (ФЕИТ) при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, наставничката Маја Божиновска од скопското ООУ „Љубен Лапе“, професорот Александар Алексовски од СУГС „Марија Кири Склодовска“ во Скопје, како и Александар Чамински, директор за стратешки партнерства во Бреинстер Групација.
Претставниците од академската заедница нагласија дека вештачката интелигенција веќе го менува начинот на кој учениците пристапуваат кон знаењето, но дека предизвикот останува во развивањето на критичко размислување и правилната употреба на алатките.
Од практична перспектива, наставниците посочија дека учениците веќе активно користат дигитални алатки, што го прави наставниот процес поинтерактивен, но истовремено бара и постојано прилагодување на методите на работа.
„Децата многу брзо прифаќаат нови технологии, но најважно е да ги насочиме како да размислуваат, а не само како да дојдат до одговор“, беше истакнато од панелот.

Меѓу учесниците на панел-дискусијата беше и единаесетгодишниот Македон Димитровски, ученик во Меѓународното училиште НОВА – Скопје, познат во јавноста како исклучително надарено дете со интерес за математика и јазици. Неговото учество внесе дополнителна инспирација во дискусијата, како пример дека љубопитноста и љубовта кон знаењето се развиваат од најрана возраст, а потенцијалот кај децата може да се препознае и поттикне уште во фаза кога новите технологии, вклучително и вештачката интелигенција, сè повеќе го обликуваат начинот на учење и развој на талентите.
Панел-дискусијата отвори повеќе клучни прашања, од примената на вештачката интелигенција во образованието, имајќи предвид дека учениците сè почесто ја користат во секојдневното учење и подготовка надвор од наставата, до потребата од континуирана едукација на наставниот кадар и редефинирање на улогата на наставникот во дигиталната ера.
Денешната панел-дискусија беше последна, шеста во низата што во изминатиот период се одржаа во повеќе градови низ земјава, во рамки на кампањата „Магијата е во знаењето“, насочена кон подигнување на јавната свест за суштинската важност на знаењето и незаменливата улога на наставниците во општеството. Кампањата започна симболично на 5 октомври – Светскиот ден на учителите.
Во текот на сите настани беше нагласена потребата од континуиран дијалог, размена на искуства и заедничко градење на образовен систем кој ги следи промените, но останува цврсто фокусиран на знаењето и развојот на учениците.










































