Anthropic објави дека склучиле договор со SpaceX за искористување на целиот компјутерски капацитет во дата центарот Colossus 1, што на компанијата ќе ѝ обезбеди пристап до над 220.000 NVIDIA графички процесори во рок од еден месец.
Соопштението доаѓа заедно со неколку конкретни подобрувања за корисниците кои стапуваат во сила веднаш.
Прво, петчасовните лимити за Claude Code се удвојуваат за сите Pro, Max, Team и Enterprise планови. Дополнително, се отстранува намалувањето на лимитите во периодите на најголема искористеност за Pro и Max сметките, што беше честа поплака кај активните корисници.
Лимитите на API за Opus моделите исто така значително растат, што е особено важно за програмерите кои градат сопствени апликации со помош на Claude.

Договорот со SpaceX се надоврзува на низа претходни објави за компјутерска инфраструктура. Anthropic веќе има договор со Amazon за до 5 гигавати капацитет, сличен договор со Google и Broadcom кој стартува во 2027 година, стратешко партнерство со Microsoft и NVIDIA вредно 30 милијарди долари, како и инвестиција од 50 милијарди долари во американската ВИ инфраструктура преку Fluidstack.
Интересно е тоа што Anthropic во соопштението напомена дека со SpaceX имаат изразено интерес и за развој на повеќе гигаватен орбитален компјутерски капацитет, идеја која сè уште звучи футуристички, но не и невозможна со оглед на ракетните способности на компанијата на Маск.
Дел од проширувањето ќе биде меѓународно, особено за клиенти од регулирани индустрии како финансиски услуги, здравство и владини институции, каде што локалната инфраструктура е неопходна поради усогласеност со прописите за резиденција на податоци.












































