Google преку својот официјален блог за Android програмери објави нова функција наречена Verified Email, која го поедноставува процесот на креирање кориснички сметки и најавување во апликациите.
Преку ажурирање на системот Credential Manager, апликациите сега можат автоматски да ја потврдат автентичноста на адресата на корисникот. Оваа промена овозможува прескокнување на досегашниот чекор на чекање и рачно внесување на еднократни лозинки или кликнување на линкови за потврда испратени во сандачето за е-пошта.
Функцијата се потпира на криптографски потврден сертификат кој веќе е безбедно зачуван на самиот уред преку личната сметка на корисникот. Кога одредена апликација бара верификација на идентитетот, на екранот се појавува системски прозорец кој јасно покажува кои податоци се бараат. Со прифаќање од страна на корисникот, податоците веднаш се споделуваат со апликацијата.
Процесот ја задржува приватноста бидејќи бара експлицитна согласност и ја елиминира потребата од префрлување помеѓу различни апликации за време на регистрацијата.
Покрај побрзото креирање на нови профили, како што истакнуваат од компанијата во објавата, новиот систем нуди практична примена и при враќање на изгубен пристап до постоечки сметки, како и при повторна автентикација за чувствителни акции во самите апликации.
Во моментов, поддршката е ограничена само на стандардни кориснички сметки, додека корисниците на деловни профили ќе мора да продолжат со користење на досегашните методи за верификација.












































