Microsoft тестира нова дијагностичка алатка во рамките на својот асистент базиран на вештачка интелигенција за Windows 11. Опцијата, официјално насловена како PC Insights, е дизајнирана да обезбеди сеопфатен преглед на системските ресурси, нудејќи им на корисниците централизирано место за следење на хардверот во реално време преку разговор со Copilot.  

Преку оваа функција се добива детален увид во оптоварувањето на процесорот, потрошувачката на работната меморија и активноста на графичката картичка, со што намалува потребата од користење на традиционалниот Task Manager.

Покрај следењето на основните компоненти, PC Insights има можност да го чита статусот на широка палета периферни уреди и системски параметри. Ова вклучува препознавање на поврзани USB уреди, надворешни дискови, печатачи и веб камери, како и прикажување информации за батеријата и верзијата на BIOS-от. 

Алатката дополнително овозможува преглед на просторот за складирање податоци, прикажувајќи ја вкупната големина на стандардните системски папки, при што не пристапува до содржината на индивидуалните датотеки без експлицитно одобрување од корисникот.

Дел од корисниците и познавачите истакнуваат интересен факт кога е во прашање Copilot на Windows 11. Анализите покажуваат дека самиот Copilot претставува значително оптоварување, трошејќи до 1GB работна меморија дури и кога компјутерот е во мирување и не извршува активни задачи. Ваквата потрошувачка произлегува од основната архитектура на асистентот, кој всушност функционира како веб апликација базирана на прелистувачот Edge.

Од Microsoft истакнуваат и неколку пример за што се може да се постави како прашање кон Copilot со оваа нова можност, па прашањата ги вклучуваат следните: 

„Која графичка картичка ја имам?“

„Дали имам доволно простор за игра од 100GB?“

„Која е мојата моментална искористеност на процесорот?“

Со ова, повеќето обични корисници добиваат можност многу подобро да добијат претстава за работата на нивниот компјутер, а на крајот, тука е и предноста на вештачката интелигенција.