
Во најновата неделна објава од Марк Гурман, тој се надоврзува на најавата дека Apple првпат планира да прескокне цела серија на Pro верзии од нивните чипови. Поточно, Гурман најавува дека од компанијата оваа година планираат да ја претстават наредната генерација од нивниот М чип, а на ред е М6, но не треба да се очекуваат M6 Pro, M6 Max и M6 Ultra.
Наместо овие верзии, за кратко по претставувањето на основниот М6, може да се очекува претставувањето на наредната генерација, М7, по што подоцна идната година ќе бидат претставени M7 Pro и М7 Max, додека M7 Ultra може да се очекува во 2028.
Во основа, Гурман пишува за причините за оваа одлука во неговата објава, а не треба да не изненади дека тие се директно поврзани со вештачката интелигенција.
Тој неговата статија ја започнува со потсетување за откажаниот проект за развој на автомобил од страна на Apple, проект кој беше откажан во 2024, иако од компанијата никогаш официјално не го потврдија.
Според Гурман, иако откажувањето на проектот „избриша“ целата декада на работа од страна на илјадници вработени, како и повеќе од 10 милијарди долари, сепак работата не била за џабе.
„Остатокот“ од оваа работа вклучува стотици патенти, специјализирани објекти и слично, а еден од резултатите е и развојот на чипови за вештачка интелигенција.
Apple планирале дека нивниот автомобил ќе мора да биде пуштен уште од самиот почеток со највисокото ниво на автономно возење, нешто што секако се постигнува со вештачката интелигенција.
Оваа работа е основата за М чиповите од компанијата кои беа претставени во 2020 година, а во себе вклучуваат „неврален“ процесор.
Иако Apple доста задоцни на пазарот со сопствен софтвер за вештачка интелигенција, нивните уреди се можеби и најдобрите на пазарот за работа со локални јазични модели. Со тоа Apple останува еден од најважните играчи на пазарот, што е доста поважно од достапноста на можноста за креирање слики на телефоните, на пример.
Во годините што следат може да се очекува драстично зголемување на способноста на М чиповите за работа со вештачка интелигенција, а тоа ќе биде случајот не само за компјутерите, туку и за серверите.
Гурман истакнува дека M7 Ultra чипот се очекува дека ќе дојде со пеформанси за ВИ на ниво на Blackwell од Nvidia, нешто што ако навистина испадне така, ќе биде доста важно за Apple.
Целата објава на Гурман, можете да ја прочитате тука.






































