Фото: DepositPhotos

Согласно објавените податоци од НБРМ, странски иматели на платежни картички за купување производи и услуги од македонски е-трговци во 2025 година потрошиле 52 милиони евра, што во однос на минатата година претставува пораст од 40,4%. Вредноста која странските онлајн купувачи ја направиле кон домашните е-трговци е остварена во 2,3 милиони трансакции што е за 39,4% повеќе во однос на 2024 година. Од вредноста на вкупно направените трансакции од странци кон македонски е-трговци во 2025 година 52,6% припаѓаат на иматели на платежни картички од 9 земји. 

7,3 милиони евра или 14% од вредноста на трансакциите се направени од иматели на платежни картички издадени во САД, потоа 5 милиони евра од Швајцарија и 3,6 милиони евра од Германија. Потоа следат Турција со 3,4 мил. евра Ирска со 2,5 милиони евра, Бугарија 1,3 милиони евра, Обединетото Кралство со 1,2 милиони евра и Србија со 1,1 милиони евра. Најголем пораст на вредноста на трансакциите е остварен од турските иматели на платежни картички од 94,4%, а потоа 55% на германските иматели на платежни картички  во однос на минатата година.

Извор: НБРМ

Најголем број односно 252,6 илјади е-трансакции направиле странските иматели на платежни картички од САД купувајќи од македонски е-продавници, а потоа 144,3 илјади од Србија, додека најголем пораст на бројот на е-трансакциите во 2025 година спрема минатата година е забележан од турските иматели на платежни картички од 115,7%.

Извор: НБРМ

Што се однесува до просечната вредност која странските иметели на платежни картички ја направиле кон домашните е-трговци се движи од 44,5 евра направени од Бугарија до 8,1 евра од Србија. Од САД, Турција, Ирска и Бугарија просечната трансакција е намалена во однос на 2024 година.

Извор: НБРМ

„Податоците покажуваат дека македонската е-трговија станува сè поатрактивна и за странските купувачи, со значителен раст и во вредноста и во бројот на трансакции. Во 2025 година, странските иматели на платежни картички потрошиле 52 милиони евра кон македонските е-трговци, што претставува раст од 40,4%, додека бројот на трансакции достигна 2,3 милиони, со пораст од 39,4%. Ова укажува на стабилен и паралелен раст, што значи дека зголемувањето не се должи само на поголеми износи, туку и на зголемена активност на странските купувачи. Географската структура покажува дека најголем дел од вредноста доаѓа од неколку клучни пазари, при што САД се издвојуваат со најголемо учество, следени од Швајцарија и Германија, додека значајно учество имаат и Турција, Ирска, Бугарија, Обединетото Кралство и Србија. Особено е значаен растот кај Турција и Германија, што укажува на продлабочување на трговските врски и зголемена видливост на македонските е-продавници на овие пазари. Истовремено, структурата на трансакциите покажува разлики во однесувањето на купувачите по земји. Додека купувачите од САД генерираат најголем број трансакции, кај одредени пазари како Србија се забележува понизок просечен износ по трансакција, што укажува на почести, но помали купувања. Од друга страна, намалувањето на просечната вредност кај дел од пазарите како САД, Турција и Ирска укажува на зголемена фреквенција на купувања и поширока достапност на поевтини производи и услуги. Генерално, овие трендови покажуваат дека македонската е-трговија постепено се интегрира во меѓународните текови, привлекувајќи купувачи од различни пазари, но и дека постои потенцијал за понатамошен раст преку подобрување на конкурентноста, видливоста и довербата во домашните е-продавници.“  додаде преседателката на Асоцијацијата за е-трговија на Македонија, Д-р Нина Ангеловска Станков.

Географската распределба на странските трансакции кон македонските е-продавници не секогаш директно го одразува профилот на крајните купувачи, туку често е поврзана со миграциски текови, дијаспора и локацијата на издавање на платежните картички. Земјите како САД, Швајцарија и Германија, кои учествуваат со значителен дел од вредноста на трансакциите, во голема мера се поврзуваат со македонската дијаспора. Овие трансакции најчесто се интерпретираат како купувања направени од иселеници за свои блиски во Македонија, особено за категории како подароци, потрошни производи, услуги или резервации. Кај Ирска, ситуацијата е понијансирана. Иако постои македонска дијаспора, значајниот обем на трансакции може делумно да се објасни и со тоа што голем број меѓународни дигитални платформи и финтек компании имаат седишта токму во Ирска. Тоа значи дека дел од трансакциите може да се процесираат преку ирски платежни институции, иако крајниот купувач не е физички лоциран таму. Дополнително, можно е и учество на странски корисници (не само Македонци) кои купуваат специфични услуги од македонски компании, особено во дигиталниот сектор. Кај Турција, растот на трансакциите и вредноста упатува на комбинација од фактори: зголемена економска поврзаност, географска близина, како и можен интерес за специфични услуги или производи што ги нудат македонските е-трговци. Дополнително, дел од трансакциите може да се поврзат и со бизнис-релации или прекугранични услуги.

Генерално, може да се заклучи дека кај дел од земјите доминира дијаспората како двигател на онлајн купувањата, додека кај други, како Ирска, значајна улога имаат структурните фактори поврзани со глобалната распределба на дигиталните платформи и платежната инфраструктура, што влијае врз географската распределба на трансакциите.

Асоцијацијата за е-трговија останува посветена на континуирано информирање и едукација на пазарот, преку подготовка на релевантни анализи и организирање на настани кои го поттикнуваат развојот на е-трговијата во регионот. Во таа насока, годишната регионална анализа за состојбата на е-трговијата претставува значаен извор на податоци за сите засегнати страни, додека 9-тата регионална конференција за е-трговија, која ќе се одржи на 3 ноември 2026 година во Националната опера и балет во Скопје, ќе понуди нови можности за едукација, размена на искуства и вмрежување. Повеќе информации за конференцијата се достапни на следниот линк: https://ecommerceconference.mk/