Фото: Cloudflare

Cloudflare објави нова верзија на својата досега интерна платформа Cloudflare OS, правејќи ја достапна како софтвер со отворен код. Платформата е замислена како работно опкружување каде што секој корисник добива пристап до интелигентен агент поврзан со специфичната терминологија, процедури и интерни системи на организацијата. 

Решението е насочено кон сите профили на вработени, вклучувајќи ги и оние што не се програмери и овозможува извршување задачи и креирање софтвер преку стандарден интернет прелистувач.

Кратко кажано, Cloudflare OS е платформа за „вајб програмирање“, термин кој стана популарен со развојот на вештачката интелигенција која овозможи и луѓето кои не познаваат програмски јазици да прават апликации и слични работи. 

Првичната верзија беше внатрешно воведена во мај, при што илјадници вработени во Cloudflare секојдневно ја користеа за креирање документи и презентации, автоматизација на повторливи процеси и изработка на мали апликации за визуализација на податоци.

Новата верзија на Cloudflare OS е изградена на модел на безбедност инспириран од концептот на изолација на пристапот, кој според инженерот Кентон Варда претставува еволуција на идеите од поранешната платформа Sandstorm. Секоја апликација или документ работи како посебна инстанца во сопствена изолирана средина, што се стартува за неколку милисекунди и троши минимално меморија. 

Со ваквата архитектура, дури и ако агентот направи грешка во кодот, безбедносниот ризик е елиминиран бидејќи платформата го контролира пристапот до секоја инстанца поединечно.

Во практичното работење, корисниците започнуваат со едноставен разговор кој може да прерасне во динамички документ, презентација или функционална апликација. Резултатите остануваат директно поврзани со изворните податоци и автоматски се ажурираат, а можат и да се поврзуваат со сервиси како Google Drive и други. 

За повторливи задачи што не бараат постојано вклучување на јазичниот модел, платформата поддржува извршување „детерминистички“ работни процеси каде што предвидливиот дел се одвива преку код, а вештачката интелигенција се користи само каде што е потребно одлучување.