
OpenAI развива нов хардверски уред фокусиран на вештачка интелигенција, кој претставува преносен паметен звучник без екран, со форма на крофна и големина на плочка (пак) за хокеј.
Според информациите објавени од Bloomberg, уредот е дизајниран да биде лесен за носење со една рака и ќе се продава по цена од околу 300 до 400 долари. За разлика од традиционалните стационарни звучници, овој модел ќе се напојува на батерија, што им овозможува на корисниците едноставно да го пренесуваат од една во друга соба и да водат гласовни разговори со ChatGPT преку вградените микрофони и звучници.
За да се издвои од тековните паметни звучници на пазарот, уредот ќе користи модел на вештачка интелигенција кој нуди одговори слични на човечките и со тек на време ќе учи повеќе за корисникот. Хардверот ќе вклучува подвижни делови кои визуелно ќе сигнализираат кога звучникот одговара, додека светлосни индикатори ќе покажуваат кога тој слуша.
Дополнително, вграден систем на камери и сензори ќе прибира информации од околината на корисникот, овозможувајќи поприродна и контекстуална интеракција со просторот во кој се наоѓа.
Дизајнот на уредот е предводен од поранешниот шеф за дизајн на Apple, Џони Ајв, откако OpenAI минатата година го купи неговиот стартап за уреди io и ангажираше повеќе поранешни членови на дизајнерскиот тим на Apple.
Развојот на хардверот е проследен со правен спор, при што Apple во тужба за кражба на деловни тајни тврди дека OpenAI довел во заблуда нивен добавувач за развој на техника за обработка на метал слична на онаа што ја користи Apple. Од OpenAI наведуваат дека создаваат производ кој е целосно нов и различен од сè што има Apple, а информациите потврдуваат дека станува збор за концепт кој во Apple не е блиску до претставување.






































